Хакатон е најдобра алатка како да се стигне до многу иновативни и технолошко прогресни идеи за многу кратко време, рече министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски вечерва на отворањето на манифестацијата Биталон – прв хакатон организиран во Македонија.
Пред 120 учесници Манчевски истакна дека можностите што ги нудат информатичките и технолошките иновации се огромни и се зависи од инспирацијата и идејата на секој што одлучил да ги користи.
– Младите, кои се главните актери во овој настан, имаат прилика да ги спојат минатото и новите технологии и на тој начин да придонесат да не се заборави тоа што се случило пред 75 години, односно депортацијата на македонските Евреи. Соочени со фактот дека новото време во кое живееме е предводено од иновациите во ИТ-сферата, Министерството за информатичко општество и администрација работи постојано на нови проекти во областа на информатичкото општество и во таа смисла наша цел е целосно дигитализирана Македонија, рече Манчевски.
Министерството за информатичко општество и администрација во проектите што ги реализира и активностите што ги презема дава посебен акцент на практичното знаење. Поврзувањето на производството, науката и образованието, посочи министерот, денес е неопходен услов за зголемување на конкурентноста, а државата треба да е врската, мостот меѓу компаниите и академската заедница.
Потсети дека Владата го реализира проектот младинска гаранција, што ќе им овозможи на младите луѓе по завршувањето на образованието да се стекнат со практично знаење. Покрај тој проект, Владата и МИОА имаат сет мерки за развој, помагање на малите и средните претпријатија, независно дали се домашни или странски особено на ИКТ фирми. Со развојот на овој сектор, рече Манчевски, ќе се придонесе и за зголемување на просечната плата во Македонија.
– Во соработка со Фондот за иновации работиме на реализација на проектот за отворање на технолошкиот парк во Скопје, кој ќе претставува место каде компаниите ќе имаат можност да инвестираат во центар за истражување и развој и создавање нови технологии, простор од особено значење за младите, како место каде ќе можат да ги развиваат своите идеи, рече Манчевски.
Нагласи и дека се свесни оти младите по завршувањето на факултетот се ставени во искушение да заминат од државата и затоа, рече во Министерството се работи на повеќе проекти за развој на ИТ-сферата, со цел да младите и успешни професионалци да останат во Македонија.
Најдобрите учесници на натпреварот во Битола ќе бидат наградени со престој во Израел, а желба за успех им посакаа и израелскиот амбасадор Дан Ориан, градоначалничката Наташа Петровска и претставници на Универзитетот „Св.Климент Охридски“-Битола