Канческа-Милевска бара национален консензус пред да се гласаат уставните измени

1483
20160203 Wednesday mkc izlozba pikaso picasso ministerka minister kultura elizabeta kanceska milevska

Елизабета Канческа-Милевска од ВМРО-ДПМНЕ на седницата за уставни измени рече дека има непочитување на претседателот, законските одредби од Уставот и Деловникот на Собранието при склучувањето на договорот со Грција.

– Жалам што не се реши ова со национален консензус, тогаш немаше да се расправаме и да се калкулира кои пратеници ќе гласаат за уставните измени и ќе се карактеризираат како патриоти и предавници. Ако постигневте консензус, сега сите 120 пратеници ќе ја потврдевме со акламација евро-атлантската иднина – рече Канческа-Милевска.

Според неа, голема пречка било селективното информирање, исклучувањето на Иванов, опозицијата и непочитување на законите и Деловникот.

– Брзоплето скративте можност за дебата и нè ограничивте за брзо да протуркате, со тоа се префрли одговорноста на пратениците, а тоа не е чесно. Референдумот не е анкета, факт е дека беше неуспешен. Сите сме за ЕУ и НАТО, но не може договор и промена на Уставот без национален консензус. Двете партии да имаа кампања ‘за’ и ‘против’ ќе имавме реална слика на референдумот – рече таа.

Според неа, сите пратеници требало активно да бидат вклучени и да не се третираат како гласачка машинерија.

Во реплика премиерот Зоран Заев порача дека процесот на преговори со Грција се водел најтранспарентно досега и за секој чекор бил информиран шефот на опозицијата, лидерите на поголемите политички партии и претседателот на државата, се до рамките со кои не се нарушувале преговарачките стратегии.

– Преговорите ги почнавме во ноември, а се до крајот на април имавме одлична соработка. Сите средби што ги имавме ги користевме за меѓусебно да се информиравме. Во април ни беше кажано преговарајте, а ако нешто договорите ние ќе си го кажеме своето – рече Заев и додаде дека и потоа продолжиле да ги информираат.

За референдумот премиерот рече дека опозицијата не си го кажала својот став и затоа се одлучиле да биде консултативен.

– Да беше опозицијата јавно макар и против, ние ќе одевме на задолжителен референдум. Во вакви околности некои одлучиле да гласаат за, некои против, а некои да не гласаат – рече Заев.

Тој посочи дека го критикуваат зошто е толерантен спрема опозицијата и додаде, на критичарите им велам консензус ќе ни треба, важни прашања се решаваат.

– Свесен сум дека немам 80 пратеници. Направив се што можев да направам за да имаме инклузивен процес. Денеска носиме одлука да дадеме шанса да се отвори постапката, а на крајот не мора да ги гласаме уставните измени ако нешто е загрозувачки и тајно. Кој ни дал право јас и Димитров да изготвиме амандмани. Ние не смееме да чепнеме додека Парламентот не одобри, оти тогаш ќе ја силуваме демократијата и процедурата во државата. Ветувам дека заедно ќе ги работиме со сите вас. Ако не се договориме имате право да не ги гласате – потенцира Заев.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...