Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Сашо Василевски на кого денеска му е укината мерката куќен притвор, по одложувањето на денешното рочиште за 27 април, случај во кој тој е обвинет, не одговори на новинарско прашање дали ќе се приклучи на пленарната собрансиска седница на која се расправа за измените на Уставот.
Пратеникот Љубен Арнадуов, по денешното рочиште, рече дека во интерес на процесот не може да даде изјава, но дека има верба во судот и остава на нив да проценат дали има кривично дело во сета работа.
Прашан како ја разбира пораката од Заев и дали некој му се јавил за помирување, Арнаудов, рече дека тоа се политички одлуки.
– Никој не ми се јавил. Тие се политички одлуки кои се расправаат во Парлементот, ние сме во судница, обвинети сме по едно дело, концентрирани сме да докажеме дека не е баш така како што изгледа, да си ја докажеме нашата невиност – изјави Арнаудов.
Во однос на условното пуштање, посочи дека тие уште во јули имаа поднесено барање со кауција, така да ќе се произнесе судот.
Прашан дали би гласал за уставни измени во замена за амнестија, Арнадуов рече дека засега нема размислувано.
– Засега немаме ништо размислувано, ама секако ќе работиме исклучиво во интерес на Македонија и македонскиот народ – рече Арнаудов.
Рочиштето за „27 април“ на кое треба да сведочи загорзениот сведок С1, а беше закажано за денеска, е презакажано за утре. Од новата зграда, рочиштето поради технички проблеми во новиот судски објект беше префрлено во старата зграда на Кривичниот суд.
Судијката Добрила Кацарска претходно ги казни нивните адвокати со по 1.000 евра и ги отстрани од судницата, бидејќи се побунија поради лошите услови за следење на процесот.
Судечкиот совет претходно реши јавноста да биде исклучена од денешното сведочење на загрозениот сведок.
За случувањата во Собранието на 27 април 2017 година обвинети се вкупно 33 лица од кои 31 лице за терористичко загрозување на уставниот поредок на државата и двајца за поттикнување.
Меѓу обвинетите се повеќе пратеници, вработени во МВР и собраниското обезбедување, уметници. Тие пред Судот кажаа дека го разбираат обвинението, но не се чувствуваат за виновни.
На обвинителната клупа се Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Крсто Мукоски, Љупчо Димовски, Јохан Тарчуловски, Митко Чавков, Митко Пешовски, Душко Лазаров, Горан Јошевски-Леви, Оливер Поповски, Оливер Радулов, Сашко Марковски, Мунир Пепиќ, Абдуљфета Алими, Елена Доцевска-Божиновска, Иван Цветановски, Борис Дамовски, Богдан Илиевски-Бетмен, Владо Јовановски, Игор Дурловски, Стефан Младеновски, Михаил Младеновски, Захарие Симовски, Младен Додевски, Јане Ченто, Горанче Ангеловски, Игор Југ, Илија Славески, Влатко Трајков, Вилијам Михајловски, Никола Митревски-Кољо, Александар Василевски-Нинџа и Митре Питроповски.