Елена Столевска и Павлина Ѓоргиева се најмладата и најстарата донорка на органи во земјава кои со овој хуман чин успеале да ги спасат животите на своите блиски.
-Ова се жени – херои кои досега двапати беа донори –најмладата е Елена која првиот пат му го подари срцето на својот сопруг, како доказ на љубовта, а сега, на 33 годишна возраст, и бубрегот – како највисок гест на хуманост на еден човек. А 81-годишната Павлина Ѓеоргиева, која е најстариот донор во нашата земја, прво му подарила живот на својот син, а потоа, судбината така сакала, и бубрег – рече Душко Ѓоргиев, претседател на Здружението „Нефрон“ на денешната прес конференција на која беше одбележан Европскиот ден на трансплантација и дарување на органи 12. октомври.
Со овој настан, како што нагласија учесниците, и кај нас почна Националната кампања за зголемување на свеста за дарување и трансплантација на органи.
– Со успешните пресадувања на органи во 2013 година, Македонија успеа да се искачи на 5 -то место во Европа, а на 9 -то во светот. Целта е овие бројки на успешни трансплантации во иднина да се зголемат. Еве, сега 13 двојки пациенти се подготвени и чекаат на пресадување на бубрези – рече д-р Сашо Дохчев, раководител на тимот за трансплантација на бубрези и директор на Клиниката за урологија.
Првата трансплантација на органи од жив донор кај нас била направена уште во далечната 1977 година, а скопската клиника во поранешна Југославија била прв центар за пресадување органи.
Национален координатор за трансплантација на органи, д-р Маја Мојсова Миовска, изјави дека е изготвен електронскиот Регистер на пациенти на кои им е неопходна трансплантација.
-Добро се сеќаваме на првата кадаверична трансплантација во 2013 година кога бевме пресреќни зашто се заврши успешно. Мора да ја зголемиме свеста за донирањето органи како највисок степен на човекољубие. Во процесот на едукација на граѓаните ќе бидат вклучени и лекарите специјализанти, но и студентите на медицина треба активно да се вклучат. Неопходни се и протоколи, за процесот да може успешно да функционира – изјави д-р Мојсова Миовска.