Хелсиншки комитет: Незаконски е да се исклучи јавноста од рочиштето со загрозениот сведок

97

Одлука на судечкиот совет да ја исклучи јавноста од рочиштето за 27 април на кое сведочи загрозениот сведок е незаконска и со неа се повредува правото на фер судење и начелото на јавност на постапката како неизоставна компонента на ова право и како гаранција за фер и законито постапување на судовите, реагираат од Хелсиншкиот комитет за човекови права.

„Законот за кривична постапка (ЗКП) јасно и прецизно го уредува начелото на јавност на постапката и со членот 353 ст. 1 утврдува дека главната расправа во кривичната постапка е јавна, а по исклучок (член 354) јавноста може да се исклучи ако е тоа потребно заради чување на државна, воена, службена или важна деловна тајна, чување на јавниот ред, заштита на привантиот живот на обвинетиот, сведокот или оштетениот, заштита на безбедноста на сведокот или жртвата и /или заштита на интересите на малолетно лице.  Во конкретниов случај, судечкиот совет при објавата на решението за исклучување на јавноста, не ги утврди и образложи точните причини за исклучување на јавноста наведени во членот 354 од ЗКП“, пишува во реакцијата на Комитетот.

Распитот на заштитен сведок, сам по себе, не може да биде причина за исклучување на јавноста, велат оттаму, токму од причина што безбедноста на сведокот е загрозена истиот е ставен под заштита и се испрашува во постапката според одредбите за распит на заштитен сведок.

„Со самото тоа што идентитетот на сведокот е заштитен и истиот не се распрашува со директно присуство во судската сала туку преку технички уреди за пренос на слика и тон и замаглување на неговиот лик и глас се заштитува и гарантира безбедноста на заштитениот сведок. Од тие причини и законодавецот не одредил исклучувањето на јавноста да биде правило секогаш кога ќе се испитува заштитен сведок“, потенцираат од Хелсиншки.

Од друга страна, додаваат тие, имајќи ја предвид чувствителноста и заинтересираноста на јавноста за овој предмет, од голема важност е јавноста постојано да биде вклучена и соодветно информирана за текот на постапката.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...