Загрозениот сведок ќе сведочи во старата зграда на Кривичен

442

Загрозениот сведок во случајот со настаните од 27 април лани во Собранието, ќе сведочи во старата зграда на Кривичниот суд во Скопје откако поради технички проблеми неговото сослушување во најголемата судница во новата зграда уште на почетокот на денешното рочиште беше прекинато.

Идентитетот на овој сведок, кој во постапката се води како Ц1, не е познат на јавноста, ниту пак на обвинетите и нивните адвокати. Тој сведочи од друга просторија во судот преку видео пренос, со заматен лик и изменет глас.

Рочиштето беше закажано во 10 часот, а јавноста (новинарите, набљудувачите и роднините на обвинетите) беше исклучена поради безбедносни причини.

Судечкиот совет дозволи присуство на набљудувачите од ОБСЕ и Амбасадата на САД со што, како што посочија, се зајакнува довербата на јавноста.

Инаку, дел од исказот кој овој сведок го дал во обвинителството веќе беше објавен во дел од медиуми. Бидејќи идентитетот не е познат, тој на денешното рочиште треба да сведочи од друга просторија, преку видео-стрим со заматен лик и изменет глас.

Загрозен сведок имаше и во повтореното судење за „Монструм”, каде странките бараа и јавноста да присуствува, па неговото сведочење можеа да го слушнат и новинарите.
На претходните рочишта за „крвавиот четврток“ се сослушаа 36 сведоци предложени од обвинителството, меѓу кои беа и премиерот Зоран Заев, неколку министри и пратеници. Во судница можеа да се слушнат и сведочењата на вработени во собраниските служби, обезбедувањето, полицајци, повиски функционери во МВР, новинарка, како и еден осуден за обидот за убиство на Зијадин Села токму на „крвавиот четврток“.

На обвинителна клупа за делото терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста на држава седат 33 лица, од кои две се теретат за помагање, меѓу нив се и пет актуелни пратеници од опозицијата, организаторите на протестите „За заедничка Македонија“, функционери од МВР итн.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...