Тајна средба Ципрас – Каменос

1215

Тајна средба, според грчкиот весник „Та неа“, имале вчера грчкиот премиер Алексис Ципрас и неговиот коалициски партнер и министер за одбрана Панос Каменос.

Средбата не била во премиерската палата, туку во Клубот на воени лица, каде што кусо по 15 часот имале работен ручек.

Според „Та неа“, двајцата коалициски партнери, го потврдиле нивниот договор да продолжат заедно до март, односно до моментот кога Договорот од Преспа ќе стигне во грчкиот Парламент.

„За време на ручекот, што беше по силните напади кон претседателот на Независни Грци од голем број функционери на СИРИЗА за време на состанокот на Централниот комитет, Ципрас и Каменос се согласија и покрај било каквите разлики меѓу нив, да продолжат заедно барем до март, кога се очекува во грчкиот Парламент да стигне Договорот од Преспа“, пишува грчкиот весник.

Средбата доаѓа по враќањето на Каменос од САД, каде што говореше за план Б за Договорот од Преспа и предизвика реакции во Грција, како од членови на Владата, така и од опозициските партии.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, иако грчките медиуми вчера наутро споменуваа дека е можна средба на Ципрас и Каменос, сепак, официјално не беше ништо најавено, а самиот министер за одбрана во вчерашното интервју за ЕРТ, одби да даде конкретен одговор дали и кога ќе се сретне со грчкиот премиер.

За средбата нема официјална потврда ниту од кабинетот на Ципрас, ниту од кабинетот на Каменос.

„Та неа“ заедно со текстот, објави и фотографии од моментите кога одвоено, со разлика од три минути, пристигнуваат Каменос и Ципрас.

Двајцата коалициски партнери, денеска, јавно и официјално ќе седнат на заедничка маса на владината седница со која ќе заседава грчкиот премиер Алексис Ципрас, а ќе бидат присутни сите министри.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...