Ете, испадна некако природно клекнувањето на Мицкоски пред иконата народ во Штип, отелотворен во шаренолика група фанатични следбеници на „каузата“, затоа што и можеше да се очекува тоа од некој што, сакал или не, прави сè што може за спас на Груеску и Фамилијата.
Клекна вчера во парламентот и Заев, се разбира пред своја икона како и Мицкоски. За да не остане подолу? За да покаже дека ни тој не е без – икона? Затоа што тоа го бара „моментумот“, а тој „моментум“ е – сè за татковината на распаќе“ (Анте Попоски): или во НАТО и ЕУ или во – дупка?
Која беше иконата на Заев? Оној „народ“ кој за Делчев беше отелотворен во верните на Организацијата, а за Мицкоски во тврдокорните бранители на делчевизмот без кој нема демократија? Се разбира, нивна демократија во која се власт, закон, волја и ум што треба да се слушаат безусловно?
Ќе прозвучи можеби неверојатно, ама така беше тоа. Заев клекна пред иконата ќосиња кои еден Делчев што е Делчев ги користеше за некои свои специјални мисии и тоа – не по своја волја, туку откако судот на Организацијата ќе пресечеше што и како да се прави со „клетите шпиони“.
Како клекна Заев пред иконата ќосиња од кои одвај спаси жива глава на рамена во оној крвав четврток од 27 април 2017 во истиот парламент? Клекна кога, без око да му трепне кажа, од парламентарна говорница, дека е готов да си ја плати својата политичка цена за „помирувањето“ со нив и, згора на тоа, ќе сторел сè што треба за нивното „помилување“, иако не кажа како, кога и зошто?
Дали тој гест на премиерот Заев ме вознемири? Искрено речено, не многу, не претерено, затоа што веќе навикнав на тој вид рисјански хуманизам. Иако ниту го разбирам, ниту лесно го голтам, а пак уште помалку – одобрувам кога ми го продава како – премиер на влада. А навикнав затоа што тој си го практикува тој адвентистичко-методистички, православен (не знам точно кој!) хуманизам со Мамас-налепница некако во редовен ритам, сè побрз и побрз.
Ако не ме вознемири, мошне ме вознемири, да не речам фрли во очај, онаа лавина од платени или доброволни „егзегети“ (толкувачи) на тоа „што сакал да каже писателот“ од Муртино кога ги лансирал зборовите „помирување“ и „помилување“ за бандитите од 27 април 2017. Зборот „бандит“ е на Заев. Со тој збор се послужи кога зборуваше на „Телма“ со чалма на глава за дивеењето во парламентот на бандитите на Чавкој кој бил и самиот – „бандит“.
Сите тие платени или доброволни егзегети сега бесрамно ни објаснуваат дека тоа што го рекол Заев поправо ни не го рекол; дека, ако веќе и го рекол, тој мислел нешто друго; дека дури и да не мислел, сите ние треба да мислиме како што треба, а треба да мислиме дека „помилувањето“ не е ниту може да биде некоја амнестија, некое збогум со власта на законот итн. итн.
Настрана што тие егзегети ни не помислуваат дека сите ние сепак имаме нешто сол во главата. Настрана што ниту чуле, а ниту пак разбрале дека да подучуваш некого „што сакал да каже писателот“ од Муртино кога не ти бара ама баш никаква подука, тоа е не само навреда, туку – дрска навреда!
Најмногу ме разочара што меѓу тие „егзегети“ има и луѓе кои ги ценам. Знам дека тоа го прават за грст сребреници од владата на Заев. Да, господа мои, дури и тоа го разбирам за грст сребреници ама не разбирам со кого, кога веќе ни со нив не може, ќе правиме ние некоја – правна држава?