Техниката го прекина сведочењето на загрозениот сведок

272

Поради технички причини, според неофицијални информации, прекинато е сведочењето на загрозениот сведок C1 во случајот за 27 април. Обвинетите, адвокатите и обвинителките подолго од еден час се наоѓаат на пауза пред судот додека да се решат техничките проблеми.

Неофицијално, неговото сведочење било прекинато на почетокот со цел да не се открие идентитетот поради техничките пропусти.

Инаку неговото сведочење ќе се одвива зад затворени врати откако судечкиот совет на чело со судијката Добрила Кацарска не дозволи јавноста (новинарите, дел од набљудувачите и роднини на обвинетите) да присуствуваат на рочиштето.

– Заради заштита на безбедноста на сведокот советот одлучи да ја исклучи јавноста – рече судијката Добрила Кацарска додавајќи ја и опасноста од откривање на идентитетот на сведокот.

Од набљудувачите советот дозволи да присуствуваат само од ОБСЕ и од амбасадата на САД. Присуството на набљудувачите, рече судијката, ја зајакнува довербата на јавноста.

Дел од исказот кој овој сведок го дал во обвинителството веќе беше објавен во некои медиуми. Бидејќи идентитетот не е познат, тој на денешното рочиште сведочи од друга просторија во судот, преку видео-стрим со заматен лик и изменет глас.

На претходните рочишта беа сослушани повеќе сведоци, меѓу кои пратеници, членови на собраниското обезбедување, припадници на МВР и новинари. Во своите искази тие ги објаснија нивните дејствија за време на критичниот 27 април минатата година.

За случувањата во Собранието на 27 април 2017 година обвинети се вкупно 33 лица од кои 31 лице за терористичко загрозување на уставниот поредок на државата и двајца за поттикнување.

Меѓу обвинетите се повеќе пратеници, вработени во МВР и собраниското обезбедување, уметници. Тие пред Судот кажаа дека го разбираат обвинението, но не се чувствуваат за виновни.

На обвинителната клупа се Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Крсто Мукоски, Љупчо Димовски, Јохан Тарчуловски, Митко Чавков, Митко Пешовски, Душко Лазаров, Горан Јошевски-Леви, Оливер Поповски, Оливер Радулов, Сашко Марковски, Мунир Пепиќ, Абдуљфета Алими, Елена Доцевска-Божиновска, Иван Цветановски, Борис Дамовски, Богдан Илиевски-Бетмен, Владо Јовановски, Игор Дурловски, Стефан Младеновски, Михаил Младеновски, Захарие Симовски, Младен Додевски, Јане Ченто, Горанче Ангеловски, Игор Југ, Илија Славески, Влатко Трајков, Вилијам Михајловски, Никола Митревски-Кољо, Александар Василевски-Нинџа и Митре Питроповски.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...