Четврта хуманитарна штафетна трка за поддршка на заболените од Вилсонова болест

Долготрајната цел на Здружението Вилсон – Македонија е да се подигне свеста за Вилсоновата болест и да се поттикне социјалната вклученост на лицата кои се соочуваат со оваа болест.

98

Здружението на граѓани за поддршка на лица со ретка болест Вилсон – Македонија, со финансиска помош од компанијата ОКТА, по четврти пат ја организира хуманитарната штафетна трка Подај рака – 2018. Трката ќе се одржи на 21 октомври, недела, на кејот на реката Вардар, а собраните средства од котизацијата од учесниците во трката, ќе бидат искористени за одржување караван во повеќе градови низ Македонија, со цел поблиско запознавање на матичните лекари со можните симптоми и начините за рано препознавање на болеста.

Долготрајната цел на Здружението Вилсон – Македонија е да се подигне свеста за Вилсоновата болест и да се поттикне социјалната вклученост на лицата кои се соочуваат со оваа болест.

Под мотото Подај рака, трката ќе биде штафетна и ќе се трчаат 4 пати по еден километар, со што симболично се упатува повик до граѓаните за поддршка на хуманата димензија на оваа спортско рекреативна активност.

Симболиката на штафетното трчање е да се покаже дека заеднички можеме да постигнеме повеќе. Симболиката на учеството на лица заболени од Вилсонова и од останати ретки болести е да се покаже дека со најголемиот број ретки болести може да се живее нормален живот, рамноправен со сите здрави луѓе, кога дијагностиката и терапијата се навремено аплицирани. Не помалку важни во оваа трка се и лицата кај кои, најчесто како последица на ненавремена детекција, ретките болести оставиле непоправливи последици. Напротив, сакаме да го истакнеме нивното право да не бидат невидливи, туку да бидат рамноправно прифатени и интегрирани во општеството“, вели Маја Алексиевска Димиќ, претседател на Здружението.

Болеста Вилсон предизвикува нарушување во метаболизмот што води до таложење на бакар во црниот дроб, мозокот и очите. Таложењето на бакарот се одвива постепено со години, пред појавата на првите симптоми. Затоа раното откривање на болеста е од пресудно значење за лицата кои носат генетска предиспозиција за тоа, но не се свесни дека се носители на болеста. Навремено откривање на болеста и редовна терапија, овозможуваат нормален живот за пациентите со Вилсонова болест.

Повеќе за ова прочитајте на порталот „Мајка и дете“ во интервјуто со Ања Босилкова Антовска, пациент со Вилсонова болест.

За учество во трката нема старосни ограничувања. Цената за регистрација за штафетната трка  изнесува 150 денари по учесник. Пријавувањето за трката и повеќе детали во врска со активностите за учесниците и сите заинтересирани поддржувачи се достапни на следниот линк.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...