Судечкиот совет на чело со судијката Добрила Кацарска не дозволи јавноста (новинарите, дел од набљудувачите и роднини на обвинетите) да го слушнат сведочењето на единствениот загрозен сведок С1 во случајот со настаните за 27 април.
– Заради заштита на безбедноста на сведокот советот одлучи да ја исклучи јавноста – рече судијката Добрила Кацарска додавајќи ја и опасноста од откривање на идентитетот на сведокот.
Од набљудувачите советот дозволи да присуствуваат само од ОБСЕ и од амбасадата на САД. Присуството на набљудувачите, рече судијката, ја зајакнува довербата на јавноста.
Инаку, дел од исказот кој овој сведок го дал во обвинителството веќе беше објавен во дел од медиуми. Бидејќи идентитетот не е познат, тој на денешното рочиште треба да сведочи од друга просторија, преку видео-стрим со заматен лик и изменет глас.
Загрозен сведок имаше и во повтореното судење за „Монструм”, каде странките бараа и јавноста да присуствува, па неговото сведочење можеа да го слушнат и новинарите.
На претходните рочишта за „крвавиот четврток“ се сослушаа 36 сведоци предложени од обвинителството, меѓу кои беа и премиерот Зоран Заев, неколку министри и пратеници. Во судница можеа да се слушнат и сведочењата на вработени во собраниските служби, обезбедувањето, полицајци, повиски функционери во МВР, новинарка, како и еден осуден за обидот за убиство на Зијадин Села токму на „крвавиот четврток“.
На обвинителна клупа за делото терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста на држава седат 33 лица, од кои две се теретат за помагање, меѓу нив се и пет актуелни пратеници од опозицијата, организаторите на протестите „За заедничка Македонија“, функционери од МВР итн.