Пировска: Изјавата на Заев е порака за амнестија

677

Вчерашната изјава на премиерот Зоран Заев јасно упатува на понуда за амнестија имајќи ги предвид околностите околу потребата од двотретинско мнозинство за гласање на уставните измени, вели Уранија Пировска, извршната директорка на Хелсиншки комитет.

-Јас не знам што значи тоа национално помирување во услови кога сите знаеме дека се решава прашање помеѓу пратениците кое ќе значи или одење на избори или гласање на уставните измени во Собрание. Не знам како поинаку можеме ние како јавност да ја толкуваме таа изјава освен како праќање на порака дека учесниците во настаните од 27 април во Собранието ќе бидат амнестирани – изјави Пировска во интервју за емисијата „360 степени“.

Според Пировска, амнестијата не е опција бидејќи осомничените треба да одговараат за своите дела.

-За мене тоа е неприфатливо и од аспект на тоа дека сепак живееме во правна држава каде има закони. Граѓаните долги години живееја во состојба на правна несигурност токму поради моментот на неказнивост кој ни се провлекува со години и особено кога станува збор за политичари. Да не заборавиме дека протестите на шарената револуција започнаа поради амнестија на луѓе кои беа осомничени за кривични дела. За мене ќе биде трагично и непростливо доколку се простат делата кои беа направени на 27 април – додава активистката за човекови права.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...