Денеска во 11 часот продолжува седницата на Собранието на која се дебатира за потребата од уставни измени во врска со промена на името на државата. Парламентарното мнозинство и опозицијата на седницата вчера останаа на своите ставови „за“ и „против“ уставните измени.
Со порака за помирување и простување, почнувајќи од настаните од 27 април, кога премиерот Зоран Заев беше цел за напад, а според него, и за линчување, вчера претседателот на Владата во своето обраќање ги повика пратениците да гласаат за уставните измени за земјата да влезе во НАТО и во ЕУ.
Според Заев, најголемата одговорност за оваа, како што ја нарече, историска одлука, е во рацете на пратениците.
– Сега треба да одлучите дали многу ќе добиеме или многу ќе изгубиме – рече премиерот, посочувајќи дека пратениците треба да донесат државнички избор.
Одлуката на Парламентот, како што кажа, ја очекуваат и граѓаните и светот. Тој рече дека Владата е максимално отворена за предлози од опозицијата и за прифаќање на амандмани.
Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ со став дека договорот од Преспа е штетен и политички и правно мртов. За Илија Димовски, Владата со Договорот излегла од својот мандат за прашањето за името и Собранието треба да констатира дека предлогот е неприфатлив. Според него, има алтернативи за решавање на ова прашање, кое е поврзано со влезот во НАТО и во ЕУ.
Ставот на парламентарното мнозинство е дека подобар договор од овој не може да има и оти ако тој се отфрли и не влеземе во ЕУ и НАТО тогаш на земјата ѝ се заканува изолација. Координаторот на пратеничката група на СДСМ Томислав Тунтев ги повика пратениците од опозицијата да го убедат раководството на ВМРО-ДПМНЕ и заеднички да ја донесат одлуката за уставни измени и за промена на името.
Поддршка на уставните измени дадоа и пратениците Артан Груби и Џевад Адеми од ДУИ.
Повик да се поддржат уставните измени упати и потпретседателот на Собранието Весел Мемеди кој рече дека е невозможно да се постигне подобар договор.