ВМРО-ДПМНЕ: Бараме правда, а не амнестија за 27 април ВИДЕО

716

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ преку генералниот секретар Игор Јануше му порача на премиерот Зоран Заев дека не ја прифаќа понудата за помирување и простување за настаните од 27 април и повтори дека бараат ново обвинителство за расчистување на случаите.

Според ВМРО-ДПМНЕ,  „27 април“ е политички фабрикуван случај, без докази, без аргументи и дека е наменет за политички притисоци.

-Педесетина луѓе со месеци се предмет на политички прогон, со цел Зоран Заев да може да тргува со нивната слобода, а за возрат да бара поддршка на договорот со Грција за преименување на Македонија. Со месеци луѓе се држат во притвор, пратеници, уметници, обични граѓани беа жигосувани за терористи, невини луѓе станаа жртва на прогонот на Заев. Ова јасно покажува дека власта не само за 27 април, туку и за други случаи против луѓе од ВМРО-ДПМНЕ води политичка хајка само за да тргува подоцна со нивната слобода. Неморално и неетички. Ова е и порака до судскиот систем и обвинителството, дека им се суди на невини луѓе. Тоа не се терористи – рече Јанушев.

Тој побара Заев да им се извини на семејствата кои се под политички прогон режиран од власта.

-Само така ќе има помирување. Правдата мора да стигне и затоа бараме нова обвинителска институција која ќе ги истражи сите случаи каде има сомнеж за нарушување на законот. И која непристрасно ќе ги анализира фактите и доказите. Еве прилика на Заев да докаже дека е за вистинско помирување и за правда без условувања. Ослободете ги луѓето од политичкиот прогон, и од притворот, правда за овие луѓе со гаранција за нивната презумција на невиност – истакна Јанушев.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...