Романската тенисерка Симона Халеп годинава ќе ја заврши на првото место на ВТА листата.
Таа најголемиот успех во кариерата го постигна со освојувањето на Ролан Гарос, откако ја совлада американската тенисерка Слоун Стивенс. За Халеп ова беше прва Гренд слем титула, а до завршувањето на сезоната ќе помине уште 40 седмици на чело на листата на најдобри тенисерки во светот.
– И минатата сезона ја завршив на првото место, а бидејќи тоа ќе се повтори и оваа година претставува чест за мене. Ова ми дава чувство за посебно достигнување, особено што сезонава го освоив првиот Гренд слем – истакна Халеп.
Таа оваа недела треба да игра на Кремљ купот во Москва, а потоа со турнирот во Сингапур треба да ја заврши сезоната, но нејзиниот настап е неизвесен поради повредата на грбот.