Да пукнеш од мака!

1634

Дали Избирачкиот список навистина е чист? Дали Изборниот законик е доволно добар? Дали институциите се подготвени да обезбедат подеднакво право на глас на сите граѓанки и граѓани? Дали изборниот систем е уреден соодветно на демократските стандарди? Дали постојат механизми да се спречат и санкционираат политичката корупција и купувањето на гласови? Дали малите партии имаат еднакви шанси за политички натпревар во било која македонска изборна трка?

Дали изборната администрација е доволно добро подготвена за спроведување избори, а не за партиско мешетарење на избирачките места? Дали изборниот мониторинг е непристрасен и квалитетен? Дали на Македонија ѝ се потребни предвремени избори за нешто што може да го решат одговорни пратенички и пратеници? Дали било кое од овие прашања може да се одговори поинаку, освен со едно големо НЕ?

Фантоми

Избирачкиот список да ти бил добар, како што во својата изјава деновиве кажа Претседателот на ДИК, Дерковски. Индиректно, во неговата изјава се насетува квалификација дека критичарите на Избирачкиот список го прават тоа од политички причини. Тоа би значело дека и ОДИХР е политизирано, бидејќи оваа меѓународна институција (број 1) со години наназад ја алармира нашата и меѓународната јавност дека имаме сериозни проблеми со Избирачкиот список, но и со низа други аспекти на спроведувањето избори.

Ситуацијата на теренот е сосема поинаква. Практично на секое избирачко место во земјава има луѓе што се пожалиле дека ги нема на фамозниот список. Истовремено, од мониторингот дознаваме за лица што се починати, а фигурираат во него.

Што се однесува до фантомите во Избирачкиот список, израз што толку им пречи на институциите… Тоа се оние имиња и презимиња на луѓе што се на адреси каде што никогаш не живееле. На тие исти адреси, со години доаѓаат разни писма, сметки, судски решенија, тропа полиција на врата… А нив ги нема и никогаш не ги имало. Тоа се оние луѓе во Избирачкиот список што живеат на паркинзи, во руини, неизградени плацови, автоперални, во супермаркети, министерства, па и амбасади. Тие ги нарекуваме фантоми. Е, стварно сме лоши и ситничави!

Можеби и постојат, можеби се и државјани на Македонија, можеби и имаат право на глас, не спориме. Но, таму каде што Избирачкиот список вели дека живеат, ги нема. Не живеат на паркинг, во супермаркет, министерство, амбасада… Едноставно, нели? Што има политичко тука, ако кажеме дека Избирачкиот список не е добар? Или, политичко е прашањето од сосема друг аспект, за кој треба да се разговара на сосема поинакви нивоа, со правно-кривичен речник. Но, за тоа нема одговорност, сѐ уште.

Правото на глас, корупција и неправди

Изборниот законик не им обезбедува право на глас на голем број гласачи. Не можете да гласате во странство ако не сте минимум шест месеци таму. Не можете да гласате ако сте завршиле в болница по затворање на Избирачкиот список. Не можете да гласате ако важноста на личната карта истекла пред три дена. Не можете да гласате ако ве прснат со спреј, па ве нема во тоа избирачко место. Не можете да гласате ако УВ ламбата не работи. Може уште да се набројува. Во Изборниот законик не се регулирани безброј работи што се вообичаени во нормалниот свет. Но, ние не сме нормални, нели? А правото на глас се гази како и многу други права и слободи… Бескрајна надолна спирала… Но, тоа се ситници, а ние сме лоши! Сѐ друго е добро.

Изборниот систем, наспроти ветувањата, сѐ уште е креиран на тој начин што шанси за успех имаат само големите и богатите партии. Изборните единици се неусогласени, а со тоа не секој глас има еднаква вредност. Дијаспората останува на маргините на интересот на системот, а секоја година испраќа далеку над милијарда евра на сиромашните семејства дома. Списокот со проблеми не се исцрпува тука.

Не постојат сериозни механизми за спречување и санкционирање на политичката корупција и купувањето на гласови. Нешто малку и се случува на тој план, но ни оддалеку не е доволно за да се обесхрабрат коруптивните елементи во секој изборен процес. Нема ни препознавање на корупцијата, толку многу е навлезена во секоја пора од животот и политиката. И на оваа тема листата не се исцрпува само со овие неколку реда.

Значи, стварно сме лошковци!

Временски теснец

Изборниот мониторинг стана голем и профитабилен бизнис во кој своите долги нокти ги зарија политичките партии. Последен пример за тоа беше речиси илјадната партиска солдатеска што се акредитира во текот на референдумот. Бомба во процесот… И оваа приказна е долга и тревожна.

Да пукнеш од мака!

Македонија е во ужасен временски теснец. Нема време, а ни потреба да се оди на избори, за да се реши прашањето околу уставните промени, Спогодбата со Грција, името… Ако во оваа земја има одговорни политичарки и политичари, ако функцијата пратеничка или пратеник се сфати со минимум одговорност, па нека е и себичност, големите прашања ќе бидат решени веднаш, со достоинствена насмевка, со мудрост, во празнична атмосфера.

А откако ќе ги решат тие прашања, ќе се зафатат со навистина големите проблеми на оваа наша земја: иселувањето на младите, сиромаштијата, ракот, смртноста на новороденчињата, животната средина, екстремизмот… Па и Изборниот законик, за да им обезбедат слободни избори на граѓанките и граѓаните со право на глас. И да се прават чекори од седум милји кон прогресивниот свет во кој владее благосостојба…

Звучи неверојатно? Што ќе одговорите на ова? Ако прочитавте до крај…

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...