Денешното судско рочиште за уривањето на „Космос“ во случајот „Т.Н.Т.“ на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) е одложено бидејќи поранешниот премиер, а актуелен пратеник, Никола Груевски кој е обвинет во предметот, побара од судот денеска да биде ослободен затоа што сака да присуствува на собраниската седница за уставните измени.
Тој рече дека досега не се повикал на пратеничката функција, но смета дека денешната седница закажана во 11 часот е важна и треба да присуствува.
Претседателот на Судечкиот совет, судијата Огнен Ставрев, рече дека доколку Обвинителството нема против, судот може да го одложи денешното рочиште за 25 октомври. Обвинителот од СЈО Бурим Рустеми не кажа ништо против предлогот.
На денешното рочиште требаше да бидат изнесени материјални докази за предметот за уривањето на станбено-деловниот комплекс „Космос“ на бизнисменот Фијат Цановски.
За предметот „Т.Н.Т“, освен Груевски меѓу обвинетите се и поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, како и поранешниот градоначалник на општина Гази Баба, Тони Трајковски.
Според обвинението на СЈО, обвинетите во 2011 година сториле кривично дело од политичка омраза со уривање на комплексот „Космос“ на Фијат Цаноски.