Основното јавно обвинителство Скопје отвори истрага против две лица за насилство во угостителски објект во Драчево кога други две лица беа избоени со нож. Станува збор за случајот за кој ВМРО-ДПМНЕ вчера на прес-конференција обвини дека еден од напаѓачите е лице блиско до СДСМ и оти обвинителството сакало да го сокрие случајот.
ОЈО, како што соопшти утрово, сомничи две лица дека на 7 октомври извршиле грубо насилство во угостителски објект во населбата Драчево, при што тешко телесно повредиле две лица и со тоа во јавноста предизвикале чувство на несигурност, загрозување и страв.
„Откако критичната вечер осомничените дошле како гости во локалот, најпрвин започнале вербална расправија со оштетените, која потоа прераснала во тепачка. Еден од осомничените со остар предмет им нанел тешки телесни повреди во вид на убодни рани на двајцата оштетени. Законското битие на наведеното кривично дело упатува на тоа дека сторителите друг малтретираат, грубо навредуваат и му ја загрозуваат сигурноста или врз него вршат грубо насилство, а со тоа во јавноста предизвикуваат чувство на несигурност, загрозување или страв. За ова кривично дело извршено во група од две или повеќе лица или кога станува збор за насилство извршено врз повеќе граѓани, а квалификаторен елемент е и доколку како последица е нанесена тешка телесна повреда или смрт на некое лице, е предвидена затворска казна од три до десет години“, појаснуваат од обвинителството.
Во конкретниот случај, во текот на истрагата ќе бидат испитани осомничените, оштетените, како и повеќе сведоци. Исто така, во текот ќе се прибави и судско-медицинско вештачење за видот и карактерот на повредите кај оштетените.
ОЈО Скопје до судија на претходна постапка доставил и Предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени, но од судијата предлогот не бил прифатен и со решение на едното осомничено лице му изрекол мерка куќен притвор, а на другото – мерки на претпазливост. Против овие решенија обвинителството поднело жалби до Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 Скопје, а одлуките по тие жалби сѐ уште не се пристигнати во обвинителството.