„Бикини Мун“, петтиот филм на најтрофејниот македонски режисер Милчо Манчевски, на 12 октомври имаше кино премиера во Њујорк. На црвениот килим пред киното, покрај бројни режисери, актери, продуценти, сценаристи и личности од модниот свет од Њујорк, дефилираше дел од актерската екипа на филмот чело со главната ѕвезда Кондола Рашад, како и Вил Џеновиц и Сатја Сридхаран.
Режисерот Манчевски во Њујорк дојде на 48 часа специјално за премиерата, од Македонија каде е во жешки подготовки пред почетоткот на снимањето на неговиот нов филм „Врба“.
– Се радувам што „Бикини Мун“ се врати дома, на безбедно, откако го сврте светот од Бразил, преку Европа до Шангај. Сакав лично да дојдам на њујоршката премиера макар и на 48 часа, оти сметам дека така најубаво ќе ја завршам таа приказна пред да почнам да го снимам „Врба“ – вели режисерот Манчевски.
Њујоршката премира на „Бикини Мун“ беше одбележана и како првокласен културен настан во американските медиуми. Манчевски и Кондола Рашад имаа заеднички гостувања и интервјуа во ТВ емисии, а објавени се и бројни рецензии во разновидни медиуми.
Во рецензијата на „Њујорк тајмс“ се вели: „Без оглед дали ќе си заминете на половина, или „Бикини Мун“ ќе го гледате двапати – а обете се валидни реакции на овој филм – ќе ви се чини дека режисерот Милчо Манчевски ќе биде задоволен. Тој направил филм за да ве провоцира“.
„Многу слоевита, многу урбана, длабоко реална и безнадежна бајка за семејството, менталната болест и борбата“, „’Бикини Мун’ на Милчо Манчевски од сите нас прави виновни воајери“, „За оние кои бараат неконвенционален филм кој што скока од експериментален метадокументарец во директна наративна драма, ‘Бикини Мун’ е вреден и предизвикувачки“, „Моќна сатира на комплексот на спасител на белата висока-средна класа“, се дел од освртите на американската критика во кои глумата на Рашад се оценува како „беспрекорно интезивна“.
„Бикини Мун“, првиот американски филм на Манчевски, е снимен во Њујорк. Светската премиера беше во Бразил, на фестивалот во Сао Пауло, а потоа во Португалија ја освои специјалната награда на жирито. Беше прикажан и на фестивалите Синеквест во Сан Хозе, Калифорнија, Белград и Софија, Истанбул, Франкфурт, Нешвил, Менхетн, Шангај, Сарасота и други.
Македонската премиера беше во Скопје на 22 март и наиде на исклучително позитивен прием – и кај публиката и кај критиката, а потоа играше и низ Македонија.
Приказната на филмот – психолошки портрет на Бикини Мун Дејвис – говори за искршениот идеал на модерното семејство, но и за изгубената приватност во светот окупиран од камери, мобилни телефони и сеприсутните социјални мрежи. Филмската структура на Бикини Мун е филм во филм, во кој филмската стварност е двојно манипулирана.
Главна хероина е повратничката од војната во Ирак, Бикини Мун Дејвис, харизматична, енергична, духовита, убава и провокативна, но и ментално нестабилна. Нејзината приказна и нејзиното однесување нѐ водат до работ на вистината, и често не сме сигурни што е вистина, а што фантазија.
Главните улоги ги играат Кондола Рашад, Сара Голдберг, Вил Џеновиц, Сатја Сридхаран и Микал Мишел Харис. Дизајнер на продукција е редовниот соработник на Манчевски, Британецот Дејвид Манс, кој има работено на сите негови досегашни филмски проекти. Директор на фотографија е Џошуа З. Вајнстин. Единствени Македонци во филмската екипа, покрај режисерот, се композиторот на музиката Игор Василев Новоградска и дизајнерот на специјалните ефекти Мишо Ристов.