Нови рочишта за Латас и браќата и случајот „Т.Н.Т”

374

Во Кривичниот суд во Скопје за денеска се закажани рочишта за предметите на Специјалното јавно обвинителство „Тревник“  и „Т.Н.Т“.

Во случајот „Тревник“ обвинети се Драган Павловиќ – Латас и неговите браќа Срѓан и Звездан за бесправна градба на три викенд-куќи во Зелениково.

Според СЈО, обвинетите изградиле три викенд-куќи во општина Зелениково без да имаат право на ваква градба, односно градење без одобрение за градење. Латас изградил викендичка од 317 квадратни метри, а неговите браќа, викендички со квадратура од 130, односно 104 квадратни метри.

Во прибавените докази на СЈО, меѓу кои и сателитски снимки, вештачење, како и останата документација, овие три викенд-куќи биле започнати со градење во 2011 година, а одобрение за нивно градење од општината е добиено во 2013 година кога веќе биле и завршени.

Во судот за денеска е закажао рочиште и за предметот „Т.Н.Т“, за уривањето на станбено-деловниот комплекс „Космос“ на бизнисменот Фијат Цаноски.

За предметот „Т.Н.Т“ меѓу обвинетите се и поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, како и поранешниот градоначалник на општина Гази Баба, Тони Трајковски.

Според обвинението на СЈО, обвинетите во 2011 година сториле кривично дело од политичка омраза со уривање на комплексот „Космос“ на Фијат Цаноски.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...