Трето полувреме

Во едно апокалипично сценарио не се исклучува нашите наследници да доживеат старите лица да шетаат по градовите како зомби не препознавајќи никого, удирајќи се попат меѓу себе со празни погледи и изгубена надеж.

3176

И покрај тоа што се противеше сепак сепак набрзина собраната управа на Домот одлучи да го транспортираат во болница. Дојде и возилото, го сместија старецот во деветата деценија од долгиот живот и се упатија кон болницата во центарот на градот.

Го гушеше секоја промена на положбата на телото, му недостигаше воздух, го мачеше надуениот стомак, отечените нозе кои оддамна не виделе пристојни чевли, се чувствуваше изнемоштено и бедно, едвај го поднесуваше возењето. Го дочека дежурниот персонал во болницата кому очигледно не му беше мила оваа доцна посета. Следуваше канонада од расправии, префрлања, убедувања…. „зошто сега на дежурство“, „зошто не се јавиле на време“… „што можеме сега“….„нормални ли сте“…се во тој стил а на старецот му се чинеше дека ова веќе некаде и некогаш го слушнал. Потоа почнаа да звонат телефоните и разговорите кои допираа до него: … „Еј душо, можеш да ми примиш еден старец до утре, ги знаеш овие моиве ќе ме обесат“ или  „колега болниот по клиничката слика вам ви припаѓа, ве молам, еве ги резултатите“…И сето тоа траеше и траеше….се вртеа телефоните, убедувањата, сите станаа неподносливо нервозни. Од сето тоа запомни дека од мобилниот на докторката се огласуваше уводот од Сатисфекшн како звонење од кој му затрепери немоќното колено. “Господине вие ке примите терапија и ќе се вратите во домот. Ако треба нешто ние сме утре пак тука“…И ова му се причини познато. Секако, секако….се обиде да се насмее старецот.

А би можел да ѝ каже дека овој увод што се наоѓа на нејзиниот мобилен, тој некогаш го свирел во подрумот кај Дуле. На жицата А од гитарата. Два пати на поле 2, потоа по еднаш на 4 и 5, па лизгачки назад повторно кон 2. И тоа звучеше моќно, но никогаш така добро како што го свиреше Кит Ричардс на својот Телекастер. И уште нешто. Дека нејзиниот „smokey eye” мејк ап можеби е добар за Родео Драјв во Ел Еј, но никако за едно дежурство во болница. Дека треба да ги обработи веѓите доколку сака да ја користи оваа шминка, да ја крене надворешната третина и ослободи повеќе простор. Така окото ќе добие и една косина лесно према горе. Висечките обетки кои ги носи можеби добро би стоеле на вратот на Марија Шарапова, но кај неа сигурно не, делуваат карикатурално. „Red Drama” карминот исто така е прејак за нејзиното лице. Освен тоа ставен е над ивиците на усните што не ја прави устата поизразена туку напротив. Наместо ужасно тесниот џинс што го носи, добро би дошле бели чисти пантолони високо на струк кои можат да бидат и потесни со рамни чевли. Белиот мантил со нерамни рабови повеќе личи на ноќница отколку на облека која треба да ја одбележи лекарската фела. Најпосле парфемот што го користи е скап но е претежок за ова време. Повеќе би и прилегал некој посвеж, малку овошен, од оние што ги прави Армани…Би можел да и кажува уште, ама не изусти ни збор. Се забалагодари старецот, се врати во возилото. На одење погледна низ задното прозорче кон болницата.. за последен пат.

Дали е приказната измислена или вистинита не е ни толку битно. Важно е реална. Не ги сакаме постарите болни. Или старците, како што ги нарекуваме. Има тука и објективни причини. Нема никогаш доволен капацитет во болниците за овој тип болни а и материјалот не е многу благороден за терапија. Најчесто се работи за флориден мултиморбидитет во кои има се и сешто. Од кардиоваскуларна патологија и одомаќени малигни болести дрско распространети насекаде, преку макуларната дегенерација и слепилото се до нашите стари пријатели господата Алцхајмер и Паркинсон. Да не ги заборавиме остеопорозата и дијабетот, фрактурите на колкот, деменцијата, богатството на цереброваскуларни инсулти со инвалидитет и зависност…

Така доаѓаме и до смислата на овој напис. Современото човештво старее се повеќе и повеќе. Човековиот век е продолжен и тој денес во развиените земји е 81 година за жени и 79 за мажи. Согласно критериумите за старост и стареење, 65 години останува граница откога започнува да се смета староста. Современите резултати од популационите анализи зборуваат дека популацијата преку 65 година е во еден галопирачки замав насекаде. Така до 2050 година повеќето земји очекуваат бројката на постари лица да се доближи до 20% од населението. Попластично тоа за Европа ќе значи дека за 30 години ќе има над 220 милиони стари луѓе! Додуша најновите статистики сега ја делат староста и тоа на “млади стари ( Young old-која перверзија, луѓе мои ) од 65-74, вистински стари ( Old ) од 74-84 и најстари-стари ( Oldest-Old) оние над 84 години. За воља на вистината токму оваа трета група на староста е и најбрзо растечка популација во светот. Но популационата експлозија на постарите лица ја неметнува и богатата геронтолошка патологија пред која сме исправени како лекари и здравствени работници. Развиените земји прават сериозни проекции што ги очекува како здравствен систем во блиската иднина не само во однос на справување со овој проблем туку и од аспект на финансиско оптеретување. Се развиваат работни групи, се носат превентивни мерки, се определуваат институции кои сериозно ке се занимаваат со патологијата на возрасните луѓе од научен и практичен аспект. Во играта се вклучуваат не само медицинари туку и психолози, социолози, невладини организации, доброволци, физијатри. Затоа развиените земји се повеќе зборуваат за долга, срекна и здрава старост како цивилизациска придобивка. Надвор од било какво сомневање е дека со превентивни мерки и навремена терапија многу од болестите со кои денес е богата оваа популација можат да се спречат, поправат или барем ублажат.

Во услови кога како земја и не знаеме каква популација живее на овие простори ( од познато-непознати причини, попис во земјата не е направен!!), нема ни абер од некаква организирана политика во однос на патологијата на возрасните. Во едно апокалипично сценарио не се исклучува нашите наследници да доживеат старите лица да шетаат по градовите како зомби не препознавајќи никого, удирајќи се попат меѓу себе со празни погледи и изгубена надеж.

Така, бегајќи упорно од младоста, ќе не дочека староста со раширени раце. А после тоа…можеби ќе имаме среќа!

Објавено во Vox Medici – Октомври 2018

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...