Анте Томиќ: Националистите се скороевци. И сите се исти – Хрвати, Срби, Македонци

Македонските националисти потрошија милијарди за центарот на Скопје да изгледа како нешто поотмена верзија на Шуто Оризари, најголемата ромска населба во Европа.

952

Македонците се традиционално извонредни коњаници, сфатив пред неколку дена одејќи низ Скопје. Тие јаваат гордо како светли везири, романтични како христијански витези, сраснати со седлото како безмилосни монголски воини, ги тераат своите црвени и врани коњи како Апачите на десетици споменици на македонските великани кои власта ги подигна во последниве години во центарот на главниот град. Тоа се величенствени сцени, како што знаат коњите да бидат величенствени, особено ако се потемпераментни, поживи по природа, а коњите под македонските војсковидци, кралеви и револуционери често не се доброќудни и кротки, мили животни кои би јаделе коцка шеќер од дланка. Овие се диви пастуви, со подигнати предни нозе како на насловна страница на Ласо романите, избезумени, запенети, со ококорени очни јаболчници и искезени големи заби. Гривата и опашот им се виорат на ветрот. Ако судите според спомениците на плоштадите и раскрсниците, ќе заклучите дека македонската историја е како некаков родео шоу, пишува Анте Томиќ во Јутарњи лист.

Секој што држел до себе и својата положба во Македонија, очигледно во шталата имал барем едно чистокрвно арапско грло. Вистина е дека внуката на Гоце Делчев се побунила против споменикот на нејзиниот предок, тврдејќи дека тој не бил јавач. Славниот востаник, рекла таа, секаде одел пешки, но нејзините забелешки тогашната власт не ги испочитува.

ВМРО-ДПМНЕ, главната македонска политичка сила, нема обичај да се заморува со вистината, ако лагата ѝ звучи подобро.

Тоа не е, како што знаете, реткост, сите националисти ја фалсификуваат историјата, но дрскоста на македонското фалсификување да ја прикаже својата големина и значење би ги шокирале и најнескромните. Со низа од лажни антички споменици, бетонски неокласицистички триумфални капии и барокни фасади од гипс, ВМРО-ДПМНЕ направи од Скопје едно сосема измислено, фантастично место. Но само додека не свртите зад аголот. Од другата страна на сјајните и бели згради, зад високите, петтокатни бонбониери и шампити останал полумрачниот, влажен и скапан балкански јад.

Ќе го видите истото нешто како кај некој цигански претприемач, собирач на секундарни суровини што се збогатил, па покрај калливиот сокак, во соседство на искривена приземна куќарка од картон и лим ќе изгради луксузна палата со цицлести каријатиди, статуи на лавови и лебеди и виолетови дорски столбови. Македонските националисти потрошија милијарди за центарот на Скопје да изгледа како нешто поотмена верзија на Шуто Оризари, најголемата ромска населба во Европа.

Националистите се такви скороевци. Се трудат со евтин невкус некако да го надоместат недостатокот на образование и да го сокријат сиромашното потекло, ама простаклукот и бедата секогаш од некаде предавничка им извира. Како во сред накитен, патетичен говор да им излета пцовка. И сите тие се еднакви, каде и да се, во Хрватска, Босна, Србија или Македонија.

Повеќе од дваесет и пет години откако ја нема Југославија, држава која ја мразеа сите националисти, тие, како во огледало, размислуваат, зборуваат и го прават истото, слушаат иста музика, имаат исто чувство за убавина, ги фаќаат во исти злодела, сите тие побожни католици, православни и муслимани, со рацете во туѓи џебови и курињата во туѓи жени. Иако повлекоа граници, се раздвоија, тие од другата страна не се различни од нив, тоа е сѐ уште еден ист простор, безрабно составен, и понекогаш е тешко да се каже каде почнува едната, а каде завршува другата сиромашна постјугословенска држава.

ФОТО: EPA/GEORGI LICOVSKI

Па така, додека ВМРО-ДПМНЕ во Скопје ударнички го ѕидаше лажниот македонски барок, некои четири стотини километри северно, на Дрина, Емир Кустурица неуморно ја градеше лажната српска ренесанса. А некогаш многу талентираниот режисер се трудеше неговиот Каменград да биде историски точен, вистинит како Трогир и Котор, и не можете а да не се импресионирате од неговиот потфат. Сето тоа е само автентичен кнауф од четиринаесеттиот век и стиропор од семејството Медичи.

Во Хрватска, фала му на Бога, не се ѕидаше многу во стиловите на минатите времиња бидејќи покрај морето има неколку убави антички и ренесансни споменици, а во северниот дел на земјата малку барок. Хрватите до пред неколку години излегуваа смешни само кога римската, венецијанската и австриската традиција ја прогласуваа за своја, или кога Фрањо Туѓман измислуваше грбови и ги постројуваше гардистите како балетани во наметки од црвена чоја, но тогаш фалсификувањето на историјата на нашите националисти, нашето решително напред кон подоброто минато, некако стана полошо од сите други.

Кога во две илјади и петнаесеттата прв пат го видов Александар Македонски високо над главниот плоштад во Скопје, весело се смеев на камениот главуч на пастувот со импресивни тестиси, но во средата попладне сепак бев малку повоздржан.

Ја изгубив некако волјата да се подбивам со Македонците како лажат за својата историја, откако во хрватските книги излегуваат бескрупулозни лаги дека усташите во Јасеновац не убивале Срби, Евреи и Роми, а на Хрватската телевизија и во Вечерњи лист тие гомна ги нарекуваат трезвени и одмерени, непристрасни прилози на историската наука.

Откако во Националната универзитетска библиотека свечано претставија наслов каков што е „Слуга на татковината – животот на хрватскиот витез Вјекослав Макс Лубуриќ, генерал Дрињанин“ , а угледните загребски господа аплаудираат на еден садист кој на Банија и Кордун колел старци и новороденчиња, кому навистина му е грижа дали македонскиот револуционер Гоце Делчев јавал коњ или пешачел? Покрај сета ренесанса на Хвар, вараждинскиот барок и сецесијата во Осијек, покрај Диоклецијановата палата, пулската Арена, извонредно зачуваниот бронзен Апоксиомен на дното на морето кај Лошињ и сите средновековни стари хрватски цркви, полумрачниот, влажен и гнил балкански јад во нас смрди најлошо.

Подготви: А.Ј.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...