Сите хумани граѓани и компании може да донираат храна во рамки на акцијата „Нахрани 10.000“, која ќе се одржи на 16 октомври по повод Светскиот ден за борба против гладта, од 10 до 19 часот на 33 локации во Скопје, Битола, Куманово, Прилеп, Струмица, Радовиш, Кочани и Виница. Целта е да се поттикнат граѓаните да донираат храна и да го подигнат нивното ниво на солидарност кон тие што немаат.
– Над 450.000 граѓани во Македонија имаат проблем да си обезбедат храна во текот на денот, односно имаат во просек по еден оброк дневно. На овие 33 локации граѓаните ќе можат да донираат храна која ќе биде со подолг рок на траење. Храната ќе биде ставена во пакети кои ќе бидат дистрибуирани до различни категории на социјално загрозени граѓани низ Македонија – истакна денеска на прес-конференција Блаже Јосифовски, претседател на асоцијацијата „Ајде Македонија“, која е предводник на мрежата „Сите сите“, која вклучува над 30 организации низ Македонија и работи на донирање храна.
Посочи дека мрежата „Сите сити“ засега располага со дата база од над 20.000 граѓани кои ги помагаат во десет градови и изрази надеж дека ќе бидат донирани десет тони храна, за да може да се задоволи дел од месечните потреби на граѓаните.
– Сакаме да ја подигнеме свеста за фрлањето храна. Граѓаните фрлаат околу 12.000 тони вишок храна годишно, што претставува еден од рекордите во регионот и Европа. Ова мора да се смени како практика, бидејќи не треба да бидеме најголем фрлач на храна. Сѐ уште најголем дел од храната која останува како вишок и во супермаркетите и кај другите кои се дел од синџирот на исхрана или во диструбуција на храна, се фрла на депониите. Станува збор и за храна која е многу пред истекување на нејзиниот рок – рече Јосифовски.
Тој нагласи дека имале донација на над 7.000 литри густ сок, со уште еден месец рок на траење и ако не постоела платформата „Сите сити“ ќе завршел на депонија, бидејќи немало интерес да се купи.
– Над 25 тони храна успеавме да ги спасиме, односно да не се фрлат овие месеци или над 60.000 порции храна. Имаме и органска храна која најголем дел од граѓаните не ја пробале, како што е млеко од бадем, тофу… и таа се фрла, бидејќи не се продала, а произведувачите сакаа побрзо да се ослободат од неа – додаде Јосифовски.