Хроника на една најавена смрт – атентат врз иднината на Македонија

Нашите политичари, со ретки исклучоци, не се во состојба да ги препознаат ни шансите за својата земја, а ни опасностите што ѝ се закануваат ако подолго време таа остане надвор од евроатлантскиот процес. Затоа, всушност, страхувам дека најавениот атентат врз нашата иднина сепак ќе се случи. Како нужност. И како принцип.

6562

Токму како и во случајот на Сантјаго, главниот лик од Маркесовата новела „Хроника на една најавена смрт“, кој во едно село на Карибите ја чека својата јавно најавена смрт и ќе дочека да биде убиен, така и во случајот на Македонија, веројатноста од нејзиното убиство полека но сигурно се претвора во нужност, односно во принцип.

Не сакам да претерувам, се разбира, оваа земја нема да биде убиена, ниту ќе умре. Таа ќе преживее и како изолирана вукојебина, како она село-универзум на Маркес, во кое убијците јавно ја објавуваат својата намера, а никој од жителите на селото нема да предупреди или да ја спречи трагичната најавена смрт. Во случајот на Македонија, ќе биде убиена само нејзината иднина. А тоа баш и не е малку. Тоа е онаа иста „светла иднина“ што ја очекуваме од деца и за која не знаевме со сигурност ниту како ќе се вика, а ни како точно ќе изгледа. Знаевме само дека во таа иднина ќе бидеме побезбедни, побогати, секој со поголеми шанси за благосостојба и за убав живот. Затоа и ја нарековме и сѐ уште ја нарекуваме „светла“.

Може да се преживее и без таа иднина. Има многу народи што мизеруваат и што нужноста да живеат така – односно неверојатноста да ги променат околностите на своето живеење – ја доживуваат како принцип. Но, трагично е тоа да ни се случи токму на нас и токму сега, кога „осветлувањето“ на иднината веќе не е само ирационален концепт, туку реалистичен план, равенка со една непозната. Таа равенка е многу едноставна: Македонија веднаш ќе стане членка на НАТО и во догледно време членка на ЕУ, ако го прифати договорот што го склучија Заев и Ципрас. Непознатото во равенката е дали политичките водства во двете земји, а посебно во Македонија, ќе ја зграпчат шансата. Или ќе ја убијат.

Договорот е далеку од тоа да биде сјаен, но неговата најсилна страна е во фактот што друг подобар договор во моментов нема, а нема да има ни во иднина. Брисел јавно ни порачува: „ЕУ целосно го поддржува постигнатиот договор. Ова е уникатна можност за помирување на Западниот Балкан која можеби нема да се повтори“. И ние знаеме дека нема да се повтори. Знаеме дека отфрлањето на договорот ќе значи крај на нашите надежи да седнеме на масата заедно со другите просперитетни европски народи и заедно со нив да поработиме и ние малку на нашата „светла иднина“.

А што правиме, всушност, сега?

Се однесуваме како ликовите во онаа Маркесова новела. Додека нашите касапи Педро и Пабло го подготвуваат атентатот врз Сантјаго (небитен е наративот зошто и како) и отворено низ селото зборуваат за својата намера, никој, вклучително и шефот на полицијата, бискупот и мајката на жртвата, нема да стори доволно за да се спречи трагедијата. Во нашата приказна неверојатните „околности“ се сведуваат на поривите поради кои политичките лидери не можат да ја препознаат својата одговорност. Тие пориви се познати и дури и признати како „нормални“ и легитимни – да се направи пазар, да се совлада противникот, да се дојде на власт, да се краде (а за што друго да се биде на власт?), да се задржи моќта по можност што подолго.

Нашите политичари, со ретки исклучоци, не се во состојба да ги препознаат ни шансите за својата земја (добрососедство, компромиси, реформи, инклузивност), а ни опасностите што ѝ се закануваат ако подолго време таа остане надвор од евроатлантскиот процес (небезбедност, изолација, сиромаштија, безнадежност). Затоа, всушност, страхувам дека најавениот атентат врз нашата иднина сепак ќе се случи. Како нужност. Потврдена повеќе пати во нашата историја. Имено како принцип.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...