Градот Скопје ги известува граѓаните дека поради извршување на градежни работи во рамки на реконструкцијата на булеварот „Партизански одреди“ во Влае, како и поради извршување на градежни работи на топловодната мрежа од страна на БЕГ, и денеска дел од оваа делница ќе биде целосно затворена за сообраќај, информира Градот.
„Поради затворање на сообраќајната делница поради асфалтирање во правец од Карпош кон Ѓорче Петров, на потегот од мостот Влајко до кружниот тек кај Порта Влае, сообраќајот за возилата кои се движат во правец од Ѓорче Петров кон Карпош ќе се одвива од другата, новосфалтирана страна на булеварот Партизански одреди.
Возилата коишто се движат во правец од Карпош кон Ѓорче Петров ќе можат да се движат по две траси. Првата е од мостот Влајко во десно на улицата „Иван Цанкар“, до улицата „Ацо Шопов“ и кон кружниот тек на Порта Влае, додека втората траса (и трасата по која ќе се пренасочени сите автобуси) е од мостот Влајко во лево по улицата „Ангел Динев“ и возилата се приклучуваат кон улицата „Војвода Васил Чакаларов“ се до крстосницата со улицата „Ѓорче Петров“.
Овој привремен сообраќаен режим ќе трае до завршување на асфалтирањето на посочената траса.
Апелираме сите учесници во сообраќајот да бидат внимателни, да ја приспособат својата брзина на движење според условите на патот и да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација.