Секој од нас може да биде Пепи!

Населението во Македонија старее. Властите, Црвениот крст и центрите за грижа на стари лица мора итно да извлечат поука од ваквите случаи и да создадат протоколи за тоа како да се однесуваме ако на улица сретнеме лице по пижами или лице кое делува изгубено. Сепак, не излегува никој од дома по пижами зашто така сака.

4560

Неколкудневната потрага по Пепи покажа колку сме како граѓани исплашени, полни со предрасуди и тотално неинформирани. Речиси цела недела Пепи, кој боледува од Алцхајмер, е излезен од дома по пижами и тренерки, отиден во непознат правец, виден на различни локации, но никој сѐ уште не го сопрел да го праша што му се случило, да го задржи и да го повика семејството, полицијата или Брзата помош. Се прашувам, на пример, дали е дозволено да се сними порака со глас од близок роднина упатена до Пепи и таа да се пушта преку мегафон од возило кое ќе се движи низ градот или деловите каде што тој е виден. Хм.

Што јадел, каде пиел вода, каде спиел? Сигурно се разминал со стотици луѓе по улица, можеби се допрел со некого. Сигурно тие што непосредно го виделе сфатиле дека нешто не е во ред со човекот, можеби мислеле дека е бездомник или дека, скраја да е, е избеган од болница, можеби се тргнале настрана од страв да не ги нападне, но никој ништо не презел и секој си ја гледал својата работа, убеден длабоко во себе дека некој друг е должен да му пристапи и да го реши случајот со „сомнителни лица кои шетаат по улица и ги заплашуваат граѓаните“.

Е тука очекуваме да се истакнат властите, центрите за грижа на стари лица (ако воопшто постојат такви), здруженијата кои работат за доброто на лицата и семејствата со заболен од Алцхајмер, деменција и слично (ако воопшто и нив ги има), полицијата, кои треба да помогнат со едукација на граѓаните како да препознаат изгубено лице и што да направат ако го сретнат. Ова, сепак, значи спасување живот, зашто како што е познато, најголем дел од исчезнатите потоа ги наоѓа Вардар.

Населението во Македонија старее. Властите, Црвениот крст и центрите за грижа на стари лица мора итно да извлечат поука од ваквите случаи и да создадат протоколи за тоа како да се однесуваме ако на улица сретнеме лице по пижами или лице кое делува изгубено. Сепак, не излегува никој од дома по пижами зашто така сака.

Додека властите работат на деинституцијализација на лицата со ментални болести и сакаат да ги интегрираат во општеството, очигледно забораваат и ја отфрлаат грижата за лицата кои не се во институција, кои се чуваат дома – а сите знаеме дека секој се снаоѓа како знае и умее и никој никого не го прашува дали и колку може да плати за нега и колку таквата ситуација се одразува врз другите членови на семејството кои треба да работат и да бидат корисни за општеството.

Очигледно е дека општеството не се занимава со случаи кои се товар на семејствата – на чии членови им треба помош, зашто им се менува квалитетот на живот, бидејќи се принудени да се грижат за својот близок. А сме читале, на пример, за случај во Холандија, каде постои село во кое живеат лица со деменција, кои си пазарат, си се шетаат, си се дружат, но се под постојан надзор од „вработените“ во разните маркети и ресторани, кои всушност се медицински лица. Ете еден пример како општеството би можело да помогне, па макар и со донација од Фондот за иновации.

Треба да научиме како да се однесуваме во вакви ситуации додека ни функционира здравиот разум, зашто секој од нас еден ден може да се најде во ситуацијата на Пепи. И тогаш навистина ќе нема кој да ни помогне. Да бидеме „себични“ – помагајќи му на другиот си помагаме себеси!

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...