Македонија синоќа го победи Лихтенштајн со 4:1 и се зацврсти на првата позиција на табелата во четвртата група од Лигата на нации. Пред „црвено-жолтите“ е извонредна шанса да се пласираат во плеј-офот, а тоа ќе можат да го сторат веќе за два дена на гостувањето во Ереван.
Играчот од средниот ред, Енис Барди најави атак на трите бода и на дуелот со Ерменија.
-Не застанува тука. Одиме на победа и во Ерменија. Оваа репрезентација има квалитет. Топа го покажавме и против Лихтенштајн. Иако победата е изразена со три голови разлика, не беше така лесно како што се добива впечаток од резултатот – рече Барди.
Македонските фудбалери имаат максимални три победи во групата од сегментот Д во Лигата на нации и се во серија од десет натпревари без пораз.