Во случај да нема избори, Владата го стокми ребалансот на буџетот

750

Владата вечерва одржа вонредна седница на која го разгледа и усвои ребалансот на буџетот за 2018 година, по што предлогот ќе го достави до Собранието каде ќе треба да го изгласаат и пратениците.

Ребалансот се иницира сега за да се запазат роковите согласно законската регулатива за негово усвојување во Собранието до 15 ноември, во случај да не се одржат предвремени избори. Повеќе детали за измените утре на прес-конференција треба да презентира министерот за финансии, Драган Тевдовски.

„Вкупните приходи со измените и дополнувањата на Буџетот на Република Македонија за 2018 година се планирани на ниво од 192,5 милијарди денари, додека вкупните расходи се утврдени на износ од 210,5 милијарди денари. Во овие рамки на планирани приходи и расходи, дефицитот е незначително понизок (18,1 наспроти иницијално планираните 18,2 милијарди денари). Притоа, во однос на БДП, буџетскиот дефицит е непроменет и изнесува 2,7 отсто од БДП. Со измените и дополнувањата на Буџетот на Република Македонија за 2018 година што ги предлага Владата на РМ да бидат усвоени од страна на Собранието на РМ, извршено е ревидирање на приходната страна на Буџето за незначителни 0,5 отсто надолу, односно за 1 милијарда денари“, наведуваат во соопштението од владата.

На седница Владата констатирала дека во услови на непроменети приходи на основниот буџет, ревидирањето на иницијално планираните проекции кај приходната страна на Буџетот на Република Македонија е резултат на намалување на приходите кои буџетските корисници ги остваруваат на сопствените сметки и согласно остварувањето во деветте месеци од годината, благ пораст на социјалните придонеси, во однос на иницијално буџетираните од околу 1,5 отсто, односно истите се ревидирани на ниво од 56,2 милијарди денари.

„Имајќи го тоа предвид, Владата на РМ на седницата за ребаланс на буџетот го усвои предлогот  на Министерството за финансии, расходната страна на Буџетот на Република Македонија за 2018 година да се коригира надолу за 1,2 милијарди денари, односно за 0,5 отсто“, наведуваат од Владата.

Позначајни направени измени со ребалансот се:

  • Реалокација на средства помеѓу буџетските корисници;
  • Намалување на одредени позиции кај капиталните расходи на буџетските корисници кај кои е евидентирана забавена динамика на реализација, воглавно кај проекти финансирани со кредити;
  • Намалување на каматните расходи за 897 милиони денари;
  • Зајакнување на фискалниот капацитет на општините;
  • Алоцирање на дополнителни средства во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, со цел непречена исплата на пензиите и транзициските трошоци за вториот пензиски столб, обезбедување на дополнителни средства во Фондот за здравствено осигурување со цел непречено остварување на право на здравствена заштита и боледувања, како и дополнителни средства за Агенцијата за вработување на Република Македонија за исплата на надоместокот по основ на невработеност.
Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...