Лошата вештерка – Историјата

912

На дело е повторно македонската слога. Низ историјата таа едвај да постоела. Во клучни моменти кога се решавало за иднината и перспективите нa земјата Македонците никаде ги немало. А за нив главно други решавале.

Тогаш не треба ни да се прашуваме зошто кај нас сè дошло доцна или предоцна или никогаш. И националното дефинирање и државноста и цивилизациските придобивки.  Во клучни моменти Македончето или го немало никаде или пак ја здувнало некаде под некоја јорган планина и чекало што ќе се случи. Курназлукот доѓал подоцна  кога некој друг веќе ја завршил работата. Тогаш се јаува Македончето за да им се освети на оние кои изгубиле или оние кои не го добиле тоа што го очекувале или пак, едноставно, да им се додворат на оние кои ја завршувале работата.

Низ историјата на Македонците, сè е спорно. Нема ниту еден настан или личност, а да е чиста, неоспорна, без дубиози и меѓусебен реваншизам.

Тргнете од  некој од тие моменти и личности. Браќата Кирил и Mетодиј иако сесловенски по дух и дело, се некако ги присвојуваме како македонски. За инает на Бугарите, што ли? Иако историјата вели дека такви поделби тогаш немало. Дури и денес, илјада години подоцна Македонците сè уште не можат да се сложат за тоа дали Цар Самуил били или не бил наш, дали се борел за Македонците, за Бугарите или за себеси. Притоа помалку е битно кои биле тие илјадници ослепени. Колатерална штета! Крали Марко и татко му биле – што? Прилепчани, Срби, Македонци. И дали е точно дека Крали Марко бил првиот официјален квислинг? Не најдовме оговор за тоа дали војската на Марица заспала, била дрогирана, пијана? И за тоа зошто се преспани наредните пет векови. За Карпош и неговото востание многумина мислат дека било без везе. А тоа што го набиле на колец ? Кој му е крив кога се задевал!И за другите востанија  историјата сè уште децидно не се определува. За секој случај. Внимателноста не е на одмет.

Доаѓаме до Илинденското востание. Од аспект на актуелноста на расправата за легитимноста на националните работи, Илинден треба да се земе со резерва. Зашто, треба  да се запрашаме, кој донел одлука за креавње на востанието? Дали Никола Карев , Питу Гули и другите имале легитимитет од  целиот народ или од партијата, што би рекле днешните вмровци. Па тие и во ВМРО немале  заеднички став(пази коинциденција!). И Гоце Делчев бил против востанието! И ај сега спори го и Гоце, па да видиме што ќе остане од културниот натпревар меѓу народите.

Ние сè уште не знаеме каде биле и што правеле  Македонците во Балканските војни. Освен што гинеле  и на кои ни гробовите не им се знаат.  Има ли некое обележје , сеќавање на нашата популација која страдала. Уште повеќе, што станало со Македонците во српската војска од првата светска војна? А во таа војска барем 20 насто биле луѓе од оваа Македонија, севернава. Но никој досега тоа не го обележал или одбележал, никаков пиетет зашто нели, се бореле во туѓа војска. Тие се закопани во гробниците за кои само Србите водат каква – таква сметка.

Знаеме многу добро што станало после таа Прва војна. Македонците ги немало во Версај. Зошто? Дали можеби нивните интереси ги бранел Никола Пашиќ? Кој му го дал мандатот?

Да не беше  тајфата на Иванов и Груевски да не потсети и да ги рехабилитира Тодор Александров , Ќосето и слични светли ликови од историјата кои колеле и ликвидирале сè македонско што ќе им се нашло на патот. Па така, под идејно (!?) и друго водство на Александров се ликвидирани барем дваесеттина илјади. (Ме фаќаат морници кога паркирам во онаа гаража со негово име.) Значи се рехабилитираат  убијците, се одбележуваат со споменици. А жртвите? Не стигнаа да го рехабилитираат и Ванчо Михајлов , „Маркс на тероризмот“. Така покомплетно ќе го дефинираа својот политички профил и пракса.

И во Втората светска војна Македонците  на почетокот ги нема никаде. Точно ли е дека Бугарите биле дочекани како ослободители, со цвеќе и шпалири народ . Како што Германиците биле дочекани во јужна Македонија како ослободители. Кој се согласил со таквиот приод ? Дали имале  согласност од целокупната популација?

На почетокот Шаторов наводно  се карал со пројугословенските комунисти па заради тоа востанието кај нас ем задоцнило пола година, а вооружениот отпор две години. И пак требал да дојде Темпо  за да нè организира. Востанието сега го нарекуваме народнослободитена борба , но дали за сите?  И дали тие од НОБ имале согласност од целиот народ. И да видиме дали и АВНОЈ и АСНОМ биле по волја на мнозинството граѓани, со квалифицирано изјаснето мнозинство ? Дали имало натполовична потврда? Треба да се види и тоа, а не само асномски темели и други квалификации кои ни се поттураат  во Уставот. Имал ли мандат Лазо Колишевски  и Ченто да прават држава.

И после тоа. Кој дозволил преку ноќ да се национализира имотот на газдите иако во АСНОМските документи се гарантира приватната сопственост?  Кој ги забарани козите без да го праша народот, па макар и консултативно. За социјалистичкиот период  да не зборуваме . Сè било правено во име на народот, со негова масовна подршка  во рамките на  Народниот  фронт, а потоа  Социјалистичкиот сојуз.  А дали било така?

Доаѓаме до референдумот во 1991. Но да се запрашаме  дали е тој  во ред ако цела една значајна популација  (албанската) бојкотирала. Дали има тој референдум легитимитет да се прогласи самостојна  држава?  Денешните уставобранители(!?) , доколку ја употребат денешната логика во оспорувањето на последниов референдум би нашле многу допирни точки и логички совпаѓања.

А што станува со Охридскиот договор. Колку е тој спорен? Го потпишаа шефови на партии кои денес ги нема како партии. И луѓе кои ги нема.  Се направија драстични промени во Уставот , а не формални како што сега треба да се направат. Дали е и тој спорен?

А потоа?  Кој му даде за право на оној  бездарник од Водно да  не учи на нова историја. Кој ја одобрил  антиквизацијата? Дали барале согласност од народот? Каде им е легитимитетот да изградат  такви (и толку) споменици? И уште едно попросто  прашање  –  нели проектот Скопје 2014 кога се објави требаше да чини  стотина и нешто милиони. А чинеше (досега) шесто и кусур?  Кој им дал за право да го менуваат износот? Дали е некој консултиран за ова? Да бил консултиран народот, колку апстиненти би имало?

И за однапред, кој ќе биде виновен за  евентуален пропаст на Договорот со Грција. Кој ќе биде  одговорен за тоа што Македонија  ако не фатиме брз приклучок со светот , брзо ќе се распаѓа ., растура, присвојува и ќе продолжи да назадува? Кој ќе ги надокнади штетите од курназлукот на онаа багра која смислено нè турка во хаос само за да си ги спаси богатството и да не лежи затвор? Дали тоа ќе биде оној неизбричениот лидер(!?) , грогираниот боксер, застрашените  пратеници од опозицијта или бабата на Милошоски?

Велат , историјата била учителка за животот. Кај нас учителката секогаш се јавува како лошата вештерка.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...