Тунџев: Кривичната против Трпески е заснована врз наоди на внатрешната контрола

983

Поднесената кривична пријава против поранешниот директор на Агенцијата за катастар е заснована врз извршена внатрешна ревизија и вонредна контрола на Државниот управен инспекторат и нема врска ниту со референдумот, ниту со политичка хајка, изјави на денешната прес-конференција актуелниот директор на Катастарот, Борис Тунџев.

Тој повикувајќи се прозван од екс-директорот Славче Трпески, појасни дека станува збор за постапка со која незаконски биле унапредени 128 вработени во Агенцијата за катастар надвор од Законот за административни службеници. Поголемиот дел од документацијата во врска со поднесената пријава од страна на Одделот за организирна и сериозен криминал на МВР против поранешниот директор е одземена од полицијата, рече, и ќе биде ставена на увид штом заврши целата постапка.

Тој ги отфрли и обвинувањата против него дека откако стапил на функцијата незаконски унапредил 50 лица. Рече дека од неговото стапување на функцијата не е извршено ниту едно унапредување, а ги отфрли како неточни и обвинувањата дека бил сменет менаџерскиот тим и дека бил растурен ИТ – одделот.

– Има одредени разместувања во Агенцијата за катастар, но се е во интерес на успешното работење и согласно систематизацијатата. Нема ниту еден од менаџерскиот тим кој е сменет. Двајца државни советници, против кои се води постапка, се суспендирани за да не влијаат на постапката, но таа не е поврзана со кривичната пријава за Трпески – рече Тунџев.

Тој како дезинформација и со цел одвлекување на вниманието на јавноста од кривичната пријава ги оцени и наводите на Трпески дека бил распишан нов тендер за иста работа во врска со Адресниот регистар. Појасни дека со новиот тендер треба да се заврши прибирањето адреси за дел од Кисела Вода, бидејќи со првиот тендер од 2016 година распишан за времето на Трпески биле прибрани 7.880 од вкупно 16.621 адреси. Постапката пак, додаде се прави по иста спецификација како и за првиот тендер.

– Оваа институција исклучително ќе се постави на првата линија за воспоставување на овој регистар, затоа што тој е еден од клучните регистри вклучувајќи го и Регистарот на граѓани за водење точна евиденција на сите објекти коишто се изградени на територијата на РМ. Ова ќе биде основа за сите други постапки како што се издавање лични документи, прочистување на Избирачкиот список, бришење двојни објекти – рече Тунџев, додавајќи дека за овој проект се обезбедени средства лични, како и странски донации и пари од европските фондови.

Меѓу другото, нагласи дека иако со доѓањето на чело на институцијата, а согласно владините препораки, ги намалиле цените за некои свои услуги за граѓаните и фирмите за 20 до 90 проценти, не било доведено во прашање финансиското работење на катастарот, туку приходите биле зголемени за 25 отсто.

За седум месеци го намалиле за 5,5 тони трошокот за гориво, а ја отраниле и праксата воведена од претходниот директор за двојно и повеќекратно наплатување по однос на поднесени барања за ист предмет. Додека бројот на заостанати предмети од околу 1100-тина кои ги наследил, го свел на само 19, за кои се воделе постапки во други институции.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...