Кавадаречката полиција со превентивна акција денеска ги едуцираше кавадарчани да се заштитат од кражби. На случајните минувачи им беа делени флаери со испишани совети како да се заштитат од провални и џебни кражби.
– Провална кражба е тешка кражба извршена со кршење или провалување во затворени простории, со цел одземање на туѓ подвижен предмет, со намера противправно да се присвои. Криминалците ја користат отстуноста на граѓаните од домовите, големата фрекфенција на непознати лица во станбените згради, неквалитетно обезбедување на бравите од влезните врати и прозорците, слабото осветлување и незаинтересираноста на соседите, рече Димитар Каракулев, инспектор за превенција.
Една од препораките во флаерите, е, пред кавадарчани да го напуштат домот, да проверат дали се добро затворени сите врати и прозорци. Доколку се излегува на кратко, советува полицијата, да се остави запалено светло, вклучено радио или телевизор.
– Ако заминувате на свадба или друга веселба, оставете дома некое постаро лице или сосед да внимаваат на вашиот дом. Ако при излегување од домот во влезот на зградата или улицата забележите сомнителни лица и возила, веднаш повикајте полиција на бесплатниот телефонски број 192. Ако живеете во куќа инсталирајте надворешно светло на сензор, кое се пали на секое движење во дворот, советуваше Каракулев.
Со акцијата се опфатени и постарите лица, кои поради нивните забавени движења, чесност, наивност, се цел на напад на криминалците. За нив важат советите кога се во банка, пошта, продавница, пазар, пред банкомат или аптека, да внимаваат на својот паричник. Особено да бидат внимателни, кога пред врата им доаѓаат непознати лица и бараат помош или нудат некаква услуга.
Поради многубројните измами со дрво за огрев, инспекторот апелираше до постарите, да не им даваат пари на лица кои им ветуваат огревно дрво, се додека не им бидат донесени дрвата во двор.
Акцијата се совпадна со првиот ден од кавадаречкиот панаѓур. Каракулев нагласи дека и за време на панаѓурските денови треба особено да се внимава, зашто џепчиите знаат да се обидат да крадат, кога има голема фреквенција на луѓе.