Министерството за здравство определи 85 лекари специјалисти од сите градови во Република Македонија, кои учествуваа на работилница за значењето и начинот на пријавување несакани реакции од лековите, односно за имплементирање на добрите практики на фармаковигиланца во државата.
Оваа TAIEX работилница била организирана од Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД) и Фармацевтскиот факултет од Скопје, а поддржана од Европската Комисија, информираат од Министерството.
Прeдавачи на овој настан биле еминентни експерти, меѓу кои медицинскиот директор на UPSALA-мониторинг центарот од Шведска и претставник од Светската здравствена организација, како и раководителите на националните центри за фармаковигиланца од Хрватска и Црна Гора.
Сите номинирани лица, како што се посочува, добиле сертификат и претставуваат контакт лица на регулаторниот орган преку кои ќе се работи на подигнување на свесноста за пријавување несакани реакции од лекови и медицински средства и навремено ќе ги споделуваат со здравствените работници и пациенти сите значајни безбедносни информации за лековите и медицинските средства во нашата земја.
Од Министерството за здравство истакнуваат дека се партнер на сите здравствени работници и пациенти и активно учествуваат по процесот на обезбедување квалитетни, ефикасни и безбедни лекови и современа терапија за сите пациенти во Република Македонија.