Вакцинацијата против грип ќе почне во ноември, за скопјани ќе има 4.000 дози

314

Вакцините против грип се очекува да стасаат во земјава кон крајот на октомври и со имунизација на граѓаните да се почне во почетокот на ноември. За Скопје се обезбедени 4.000 дози вакцини, за Куманово илјада вакцини. Плус од оваа бројка се 28.000 дози што, според најавите на Министерството за здравство, годинава ќе бидат обезбедени за пензионери постари од 65 години кои се со просечна и потпросечна пензија, како и за корисниците на социјална помош. Овие вакцини за припадниците на ранливите категории ќе бидат бесплатни, а другите се за комерцијална употреба и граѓаните кои сакаат да се заштитат од грип ќе треба да ги купат, вели д-р Александар Стојанов, шеф на одделот за епидемиологија во Центарот за јавно здравје – Скопје.

За пензионерите од Битола, Прилеп, Охрид и Велес се резервирани 8.000 дози, а за Скопје ќе има 13.000 бесплатни вакцини. На прашањето зошто оваа година малку подоцна ќе започне вакцинацијата, од Центарот појаснуваат дека причина биле процедурите во Законот за јавни набавки.

– Вакцините сѐ уште не се набавени бидејќи ни пропаднаа два тендерa за набавка, па сега се оди со непосредна спогодба. Има двајца понудувачи, па зависно од тоа со кој ќе се склучи договорот, вакцините ќе бидат или од францускиот „Санофи Пастер“ или од белгиски производител. Штом по увозот ќе заврши контролата на квалитетот, ќе може да се почне со имунизација против грип и во Скопје и во другите градови – вели д-р Стојанов.

Во Србија имунизацијата против грип ќе почне веќе за две-три недели.

– Не е никаков проблем што оваа година малку ќе се задоцни, па и во изминатите години почнувавме со вакцинација кон крајот на октомври. Времето е топло и досега не е пријавен ни еден случај на заболен од грип – додава д-р Стојанов.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...