СЈО поведе истрага против вицепремиерот Бујар Османи за да го спречи неговиот поход кон претседателската позиција на ДУИ, односно да го смени Али Ахмети. Ова сублимирано е пораката објавена на Фејсбук на Ваљон Бела од ДУИ, новиот економски директор на Клиниката за гинекологија.
Според ова, Бела во Османи го гледа новиот лидер на ДУИ, а СЈО повело истрага против вицепремиерот оти како што вели, некој се исплашил дека Бујар станува претседател на ДУИ.
„Додека обвинетите на ВМРО од СЈО ги фаќаше паника, некогаш бегаа од земјата, а некогаш добиваа инфаркт, Бујар Османи одговара позитивно на „парадоксалното” барање на СЈО.
Велам парадоксално бидејќи оваа институција, Специјалното јавно обвинителство, беше институцијата која издаде документ (на почетокот на оваа Влада) дека сегашните министри не се дел од нивните истраги.
За ова прашање, јас гледам поинаку. Некој се исплаши дека Бујар станува претседател на ДУИ…
Главата горе Бујар. Ние сме со тебе и вашето семејство на секој чекор и во секое време.
Запомнете дека тешкотиите нѐ прават посилни и посилни и поподготвени“, напиша Бела.
Постот на Бела ги разбранува внатрепартиските струи во ДУИ. И додека некои членови го поздравија статусот на Бела и веројатно во Османи го гледаат наследникот на Ахмети, други се потсмеваат и се гневни.
– Страно тело во ДУИ да кажува кој може да биде наследник на Ахмети е во најмала рака смешно. Му пее тиради оти Бујар го постави Бела за директор на Гинекологија. Да го поставеше на појака функција ќе му пишуваше дека треба да биде претседател на државата. Срамота, ете сите се потсмеваат – вели висок функционер на ДУИ.
И друг висок функционер вели дека со ова Бела му прави противуслуга на Османи. Тој додава дека на Османи му импонира дека се споменува како можен претседател на ДУИ и дека вицепремиерот има такви амбиции.
– Само вчера дојден човек во ДУИ може да напише такво нешто. Партијата целосно го поддржува Османи по отворената истрага од СЈО за него, но несериозно е да се врзува дека СЈО покренало истрага за да го спречи Бујар да стане лидер на ДУИ. Впрочем, Ахмети неодамна повтори дека останува на чело на партијата и следните четири години – вели функционерот.
Постот на Бела всушност, на јавноста ѝ откри како тој стана економски директор на Гинекологија, односно дека вицепремиерот Османи е заслужен за неговото унапредување.
Веста дека Бела стана директор зачуди многумина, бидејќи тој на јавноста ѝ е познат по заканата со куршум до потпретседателот на ДУИ и поранешен градоначалник на Чаир, Изет Меџити. Бела тогаш остави во кабинетот на Меџити куршум во салфетка, а од партијата брифираа дека заканата до екс градоначалникот била за тој да добие повисока функција.
Бела пред да дојде во ДУИ имаше невладина организација, па формира партија која подоцна ја припои кон ДПА на Мендух Тачи. Откако Тачи во ДПА го постави за потпретседател, Бела побара смена на Тачи, а лидерот на ДПА го исклучи од партијата. По ова Бела стана член на ДУИ.
Според партиски функционери, и сега станува збор за битка за превласт во поделениот скопски огранок на ДУИ. Од една страна е Бујар Османи и неговите поддржувачи и од друга претседателот на огранокот Беќир Асани и Изет Меџити и нивните поддржувачи.
Од партијата брифираат дека е можно во пресрет на конгресот на ДУИ да се разгорува и битката за превласт помеѓу скопскиот и тетовскиот огранок, особено ако се знае за нетрпеливоста помеѓу двајцата вицепремиери Бујар Османи од скопскиот и Хазби Лика од тетовскиот огранок.