Зошто е Анкара под притисок да реагира остро на исчезнувањето на Кашоги?

Турција има четири милиони свои граѓани на кои арапскиот им е мајчин јазик.

217
ФОТО: EPA-EFE /ALI HAIDER

Саудискиот новинар Џамал Кашоги дошол во Конзулатот во Истанбул за да завери документи за неговата венчавка со турска државјанка и потоа да ја преземе должноста колумнист во „Вашингтон пост“, но оттогаш не е виден. Неговото исчезнување би можело да предизвика дипломатска криза меѓу Турција и Саудиска Арабија и да ги продлабочи тензиите во регионотпишува Гласот на Америка.

Што се случило со Џамал Кашоги во саудискиот конзулат и каде е тој сега? Тоа се прашања на кои сѐ уште нема одговор дури ни една недела по неговото исчезнување. Пријателите и приврзаниците на Кашоги во понеделникот протестираа пред зградата на Конзулатот.

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган изјави дека Кашоги му е пријател и апелираше до Ријад да докаже дека тој е сѐ уште жив.

– Претставниците на саудискиот Конзулат не можат да се спасат со тоа што изјавија дека тој го напуштил Конзулатот. Релевантните власти се должни да изнесат докази за тоа тврдење, изјави Ердоган.

Кашоги отишол во Конзулатот на 2 октомври за да завери документи за да може да се ожени со својата вереница Турчинка, која го чекала пред Конзулатот.

Турските истражители веруваат дека Кашоги е убиен и дека неговото тело можеби било изнесено со дипломатско возило, додека полицијата побара вештачење на форезничари.

Саудискиот генерален конзул Мохамед ал Отаиби демантираше дека знае каде се наоѓа Кашоги.

– Конзулатот и Амбасадата трагаат по него и загрижени сме поради неговото исчезнување – изјави Ал Отаиби.

Кашоги последен пат е виден на конференција во Лондон

Разузнавачките служби го истражуваат доаѓањето на неколкумина саудиски официјални претставници на аеродромот во Истанбул во времето кога исчезна Кашоги.

Кашоги минатата година живееше во САД откако побегна од Саудиска Арабија, стравувајќи дека би можел да биде уапсен поради написи со критики упатени кон властите.

Последен пат е виден во јавноста на конференција за блискоисточниот мировен процес во Лондон, три дена пред неговото исчезнување.

– Палестинското прашање и натаму е чувствително прашање во Саудиска Арабија, каде Владата има целосна контрола, додека дисидентите се замолчени или се во затвор, изјави тогаш Кашоги.

Кашоги го критикуваше саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман и поддршката што му ја пружа Вашингтон.

– Тој се замери со својот крал и својата Влада поради Трамп и Америка. Џамал Кашоги беше нивни сонародник. Тој стана независен и покажуваше отворен презир кон нив. Затоа мораа да се ослободат од него – изјви пријателот на Кашоги, Дејвид Херст.

Тој смета дека Анкара е под притисок да реагира остро на исчезнувањето на Кашоги.

– Турција има четири милиони свои граѓани на кои арапскиот им е мајчин јазик. Тука живеат илјадници дисиденти од Египет, Сирија, Јемен. Ако сега на некој начин е отворена сезона на лов на дисидентите и Анкара не може да ги заштити, Турција би можела да стане многу нестабилна – смета Херст.

Стејт департментот соопшти дека не може да ги потврди турските тврдења, но дека внимателно ја следи состојбата.

ФОТО: EPA-EFE-ALI-HAIDER

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...