Како и да ѐ, неколку дена чекам да видам / прочитам (од)глас за емисијата „Само вистина“ на (К)Анал 5, во „режија“ на една тамошна „новинарка“ и нејзиниот гостин – народен трубин (пардон: трибун!) со големомакедонско име, контра архитектот Мирослав Грчев. Велам – чекав на некаков одглас, особено од некој од македонските новинари, па може и од ЗНМ, „главом и брадом“, или неговиот Совет на честа … или како веќе им се вика тоа „тело“ што така помпезно се претставува. Зашто таа срамота не беше само на (К)Аналот, таа беше резил на целото македонско новинарство. И не беше резилот само во навивачката страна на „новинарката“, која со нескриена омраза се обраќаше кон едната страна, притоа премолчувајќи ги сите навреди од големомакедонскиот уличарски трубин (пардон: трибун!), туку таа „емисија“ – каков епитет за еден тв гериз – која што обично трае до триесетина минути овојпат ја развлекоа на час и четириесет минути! За да имаат повеќе време, нели, да го тормозат едниот гостин, да го распнуваат на сите дпмнеовски и уличарско народни крстови, на одушевување на широките тврдокорни маси. Гладијаторска тв местенка со учество на цела една квазителевизија – од главен и одговорен уредник па надаље – контра еден човек! Секоја чест, аналитети!!!
Иако, некој ќе каже – ништо чудно. Да, иако кај нас навистина веќе ништо не е чудно. Ама ова мора да биде. Барем денес. Зашто злоупотребата на медиумите со национална концесија мора (конечно) некого да го тангира. Некој мора да биде загрижен за нивото на омраза, невоспитување, некултура, незнаење … кај „новинарите“ во дотичните медиуми, некој мора и службено да е одговорен за состојбите, а за такви случаи да презема и мерки. По службена должност! Или тие идиоти навистина можат да прават што сакаат? А тормозените, навредените, исплуканите да ја бараат правдата на суд, во граѓански постапки? Та не го тангира ли сето ова Здружението на новинарите, нивниот Совет на честа?
И за да не испаднам дрвен адвокат на Грчев кој стоички го издржа тврдокорниот трубино-геризки комплот, од лично искуство знам дека тие и такви „совети“, „здруженија“, „агенции“ … повеќе обичаат да молчат „ко заливени“ отколку да се произнесат контра гнидите во нивните редови. И колку и да не ја разбираме таа (не)професионална „толеранција“, таа очигледно функционира. Ако кажам дека пред 5 (и со букви: пет) месеци поднесов 2 претставки до Советот на честа на ЗНМ контра слични гниди – Горан Петрески и Христо Ивановски од укочената телевизија – кои во мое отсуство „ме развлекуваа“ низ нивните „емисии“, ќе го тангира ли тоа некого? И мислите, добив нешто како одговор од Советот? Или од ЗНМ? Ништо! Како и да не сум побарал некаква заштита од тој т.н. Совет на честа, како и да не сум напишал ништо, како да се случило – ништо! Па можеби затоа, подоцна, истото тоа, еднакво „добронамерно“, си го правеше и една спонзорирана тв шмизла. И пак ништо. Пустелија, нема (од)глас!
И сега, секој злонамерен, а јас често знам да бидам таков, ама со аргументи, би рекол дека сите се исто гомно. Ама не се, се разбира. Меѓутоа, нереагирањето создава таков впечаток. Или, ако сакате, како тоа новинарите, па и „новинарите“, умеат да бидат до зла бога настојчиви за одговор од политичарите за секое, па и за најбанално прашање, умеат парампарче да ги прават ако не го добијат бараниот одговор, ама се целосно толерантни за истиот тип преваранти во своите редови? И зошто се тие нешто повеќе од нас, обичните граѓани? Или, конечно, нели постои онаа фамозна Агенција за аудио и аудиовизуелни медиуми? Или тие навистина нон-стоп спијат, како што еднаш напишав? Па што спанковци ќе беа во оваа држава, на сите страни и на сите божем одговорни позиции? И оттука, ако јавниот медиумски простор, особено оној со национален предзнак, е така геризиран, особено денес, и ако никој од повиканите не смета дека треба да реагира, не’ чуди ли, сѐ уште, како она злосторничко здружение ни се обеси на врат повеќе од една деценија? И мораме ли, навистина, нивните сѐ уште живи и здрави пипци, но и новоизраснатите, понатаму да ги толерираме? И нема ли во новинарската професија барем глас-два – ако не цело Здружение – да се јават со осуда на гнидите во нивните редови?
П.С.
А после сѐ – го гледам Милчин на истиот тв гериз! Неверојатно.
извор: Теодосиевски уметност