Нема пазар со гласови во Собранието во замена за амнестија, вели Заев

1304

Премиерот Зоран Заев во интервју за германскиот весник Франкфуртер алгемајне цајтунг вели дека се надева оти во текот на оваа или следната недела ќе се постигне компромис со опозицијата во парламентот за гласањето на уставните амандмани во парламентот, пренесува Дојче Веле.

– Правиме сѐ за договор во парламентот. Нашите пратеници разговараат со опозицијата. И јас учествувам во разговорите, како и некои мои министри. Текот на разговорите ми дава надеж дека во текот на оваа или следната недела ќе постигнеме договор. Доколку ја немав оваа надеж одамна ќе тргневме кон нови избори, затоа што немаме многу време. Доколку бираме нов парламент, тоа мора да се случи до крајот на ноември или почетокот на декември, за и Грците да имаат време да го исполнат својот дел од обврските, пред одржувањето на изборите за Европскиот парламент кај нив – вели Заев.

Сепак, македонскиот премиер тврди дека нема намера да прави политички пазар со гласовите на опозициските пратеници во Собранието во замена за амнестија. Заев во разговорот тврди дека „многу поранешни владини политичари се обвинети за корупција или стравуваат дека ќе бидат обвинети“ и ги „користат сите средства за да се вратат на власт“. „Тие се надеваат дека ќе ја избегнат одговорноста преку амнестија или на друг начин“, вели Заев и на следното прашање одговара дека такво нешто нема да се случи.

Повеќе за интервјуто со Заев можете да прочитате ТУКА.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...