Постојат моменти кога судбината подава рака и таа треба да се прифати. Македонија е исправена точно пред таква ситуација. Таа има уникатна историска шанса, истакна поранешниот бугарски претседател Росен Плевнелиев, пренесува бугарската агенција „БГНЕС“.
По дискусијата на тема „Бугарската и европската перспектива: Референдумот во Македонија“, во организација на Европскиот совет за надворешна политика (ЕСВП) со поддршка на Фондацијата Конрад Аденауер, Плевнелиев рече дека и ЕУ и НАТО направиле се, тоа е подадена рака од судбината и нема да има друга шанса во следните 20 години.
– Драги пријатели од Македонија, подадете си рака – ги повика тој граѓаните и политичаите на Република Македонија.
Според него, пред две децении Македонија била десет години пред Бугарија, но поради низа погрешни политички одлуки, таа во моментов е најмалку десет години по Бугарија.
– Се што е добро и кое и се случи на Бугарија во последниве години е благодарение на нејзиното членство во ЕУ и НАТО. Од 1999 година наваму само странските инвестиции во земјата изнесуваат над 40 милијарди евра, истакна Плевнелиев.
Тој смета дека постојат три можни сценарија за развојот на Македонија. Првото, смета тој, е да бидат усвоени уставните промени од македонскиот Парламент и Македонија да има јасна перспектива, а во регионот да има траен мир. Второто сценарио, според него, е реалистично и тоа може да ја исправи земјата пред нови избори кои нема да ја променат ситуацијата во Македонија. Третото сценарио е негативно и Македонија може да западне во тотална изолација, а и можна целосна дестабилизација.
Според шефот на канцеларијата на Фондацијата „Конрад Аденауер“ во Софија, Торстен Гејслер, референдумот спроведен на 30 септември може да се смета како победа за Русија. Гејслер исто така го опиша и несоодветно однесување на ВМРО-ДПМНЕ со политиката на бојкот и екстремистички пројави.
ФОТО: EPA / JACEK TURCZYK