Очекувам да се изнајде храброст, да се надминат партиските и политичките предрасуди, спреги и да се внимава на иднината на државата, затоа што оваа шанса е неповторлива. Одлуката која ја носиме е со огромна одговорност и важност за иднината на граѓаните и верувам дека сите ние пред сѐ и над сѐ ќе мислиме на нашата држава, на децата и на генерациите кои доаѓаат после нас.
Ова денеска го истакна премиерот Зоран Заев, кој рече дека тоа што му е значајно е фокусот да остане навистина пред сериозната одговорност која е исправена пред сите политички чинители, политички избраници, народни избраници, пред сѐ и на Парламентот.
Тој посочи дека седницата на Комисијата за уставни прашања продолжува утре, а по нејзиното завршувањето, закажана е собраниска седница в понеделник.
– Македонија е во еден специфичен период и сето она што се случува може и вака и онака да се толкува. Знам дека системот мора паралелно да фукнционира и работи. Не сум информиран ниту ги знам деталите за истрагите. Прочитав само од медиумите дека тоа се случува, не гледам никаква поврзаност во тоа што се случува во Собранието, затоа дебатата е транспарентна, јавна, јавно ќе се носат одлуките насекаде и верувам дека секоја институција паралелно со политичките одлуки кои се носат во државата, си носат одлуки, системот функционира и работи – рече Заев одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали е вистина дека случаите на СЈО се толкуваат како притисок врз пратениците.
Во врска со ставот на Османи дека има обезбедено двотретинско мнозинство, но дека се молчи бидејќи се врши притисок врз пратениците од опозицијата и колку има вистина во тоа, Заев рече дека и вчера во Собранието разговарал со пратениците.
– Сите се свесни и на сите им е јасно дека нема план Б. Ако оваа можност пропадне што после? Сите се ужаснати од помислата „што после?“ ако пропадне оваа можност. Бројката е огромна дури од опозицијата, голема е заради тоа што луѓето веруваат, тоа се општественици луѓе, и политичари, пратенции и сл. Веројатно заканата, непријатниот момент кој го живеат и доживуваат се причини до крај да не направат експресија на своите ставови – рече Заев.
Премиерот потенцира дека сите тие се одговорни личности, и мнозинството и она што е опозиција во Парламентот, сите знаат многу добро, исто како него дека оваа шанса треба да се искористи, заради тоа што е неповторлива.
– Сите знаат дека договорот од Преспа е фер и правичен, дека подобар не може да има, дека без договор нема ЕУ и НАТО, а без тоа нема економски прогрес, инвестиции, раст и развој, нема квалитетен живот дома. Верувам дека покрај дебатата, вчера почна да се создава амбиент на преземање одговорност, секој да си ги каже своите резерви, својата болка, својата мака, но на крајот на денот на гласањето треба да бидеме сите исправени и да донесеме храбра одлука, одлука за иднината на Македонија – посочи Заев.
На прашање дали смета дека со примена на притисок и закани, а зборувајќи во име на демократијата може да се направи промена на ставовите кај оние кои се спротивни, рече „не, апсолутно не, секоја помисла дека некој со притисок, со пари, поткуп, закани, уцени би направил нешто, на вториот чекор ќе падне сето тоа“.
– Ова мора да е одржливо, ова мора да има иднина, мора луѓето да веруваат во тоа и да ја носат одговорноста при тоа, само така е возможно. Затоа цело време ги користам зборовите „пријатна атмосфера, благопријатна атмосфера, разговор, интерактивност“ – рече Заев.
Тој нагласи дека Македонија ќе оди кон ЕУ и НАТО и тој пред се и над се е оптимист, заради тоа што веројатно е најупатен и најинформиран поради функцијата што ја има. Нема друга иднина за Македонија, истакна, освен интеграцијата во НАТО и ЕУ.
– Оваа работа ќе биде. Прашањето е само дали брзо ќе биде, дали ќе дозволиме Македонија повеќе да не губи денови, месеци, години како што изгуби во минатото. Затоа е важна целата одговорност на секој поединец, пратеник, полтичар. Апелирам уште еднаш до опозицијата за разумност, немаме план Б, го нема до ден денеска на маса, нема алтернатива. Сите сме должни да се исправиме пред одговорот што ако ова пропадне, должни сме пред нашите граѓани. Ајде да ги оставиме настрана сите наши политички партии и да ја ставиме во примат Македонија, да донесеме одлуки онака како што вреди и сме одговорни пред граѓаните – додаде Заев, одговарајќи на новинарски прашања по врачувањето на државната награда „11 Октомври“ во Собранието.
Тој на сите граѓани им го честиташе Денот на востанието, 11 Октомври и им посака лична среќа и просперитет.