Како би гласал Конрад Аденауер?

1430

Кога се воспоставувала граничната линија помеѓу Русија и Полска, една куќа се погодила точно среде самата гранична линија. Двојната комисија за определување на граничната линија, и рекла на домаќинката дека може доброволно да си избере дали сака административно да припаѓа во Полска или во Русија. После кратко размислување, жената одлучила дека сака да припаѓа во Полска. Подобро во Полска, рекла, во Русија е многу ладно, ќе треба да трошам повеќе за дрва и за греење.

Веднаш изградила став, знаела што сака, немала потреба ниту за „навигација“ ниту за „консултација“ ниту за „работно лето за Полска“, немала потреба ни од „множества“ ниту од „подмножества“ ниту од „алгоритми“. Таа, само после неколку секунди изградила јасен одговор и став, и без да ја помрдне куќата ниту еден милиметар, административно ја поместила илјадници километри на запад.

Лесно е да имаш став кога знаеш каде ти припаѓаат политичките симпатии, но кога политичкиот компас ти е расипан и морално неискрен, тогаш никаква навигација и алгоритам не ти помагаат.

Над поствоената Берлинска калдрма, една рака водена од погрешна „навигација“ и „алгоритам“ беше виновна при цртањето на навидум безопасна линија, цртана со руска креда. Белата линија од руската креда на Берлинската калдрма подоцна се претвори во гранична жица, па  во ѕид. Тој Берлински ѕид израсна во политичка железна завеса која геополитички го подели целиот свет на источен и западен воен блок.

Конрад Аденауер го потроши целиот свој работен век во бришење на таа линија од руска креда над Берлинската калдрма.

Тој е еден од ретките германски интелектуалци кој храбро му се спротистави на Хитлеровиот нацизам. После многу перипеции и среќа, Аденауер успеа да го надживее Хитлер. Веднаш после војната, Конрад Аденауер формира Демо-Христијанска Партија (ЦДУ) која долги години подоцна, после безбројни компромиси, со максимално користење на Маршаловиот План и со отворено и искрено извинување кон еврејскиот народ, успеа со напорна работа да ја крене од пепел својата разрушена татковина Германија, која израсна во европски и светски економски лидер.

Конрад Аденауер ја зачлени (Западна) Германија во НАТО и го овозможи патот на повторното обединување, творејќи заедно со многу генерации на германски политичари, како тие во ликот на канцеларот Хелмут Кол. Наследничка на таа врвно успешна државничка политика е канцеларката Ангела Меркел.

Од 1 Јули 2000 година, Фондацијата Конрад Аденауер има своја канцеларија во Македонија и преку неа активно помага во градењето на подемократско и послободно општество темелејќи го своето општествено политичко делување врз демо-христијанските принципи. Фондацијата Конрад Аденауер е поткрепена од Германската политичката партија ЦДУ и преку нејзините фондови и стипендии се помогнати и политички се обучени безброј политичари на ВМРО- ДПМНЕ. Барем досега, германската партија на Ангела Меркел ја сметаше ВМРО-ДПМНЕ за сестринска партија.

Канцеларката Ангела Меркел дојде и изрази јасна поддршка за Преспанскиот Договор и лично гарантираше за напредокот и развојот на Македонија, вложувајќи го сиот личен и државен кредибилитет, сериозитет и авторитет на германската влада. Ваквата лична заложба е голем комплимент и чест за Македонија, имајќи во предвид дека Германија е една од главните стожери на ЕУ и НАТО.

Ја нагласувам канцеларката Ангела Меркел поради директната врска која Фондацијата Конрад Аденауер ја има со ВМРО-ДПМНЕ, иако дојдоа и многу други европски и светски државници за да ни помогнат во нашиот правилен избор на „навигација“ и „алгоритам“. Сите не советуваа да престанеме со користењето на руска креда во цртање на гранични линии по скопската калдрма и да избереме НАТО и ЕУ иднина за Македонија.

На целото европско дипломатско внимание лидерот на опозицијата одговори со провидна и иритирачка балканска итроштина, изрази тотално безвезен, незрел, недржавнички и нејасен став кој транспарентно и навредливо прикриваше јасен бојкот, апстиненција или игнорирање?!? Но, што и каков да беше тој „мамалига“ став на ВМРО, ќе остане запаметен како антидемократски однос кон референдумот и ќе биде интелектуална навреда за секој кој е постар од 12 години.

Истовремено небулозниот бојкотирачки став беше директно и тотално омаловажување и на канцеларката Ангела Меркел, презир и плукање кон секое евро и секунда потрошена во соработката со германската влада и партијата ЦДУ, како и за секое евро и потрошена секунда во соработката со целата Европска Заедница и НАТО Алијанса!!!!

Кој е тој, кој во име на граѓаните на Македонија ја омаловажува Германската влада, Европската Заедница и целата НАТО Алијанса? Кој плука по сите стотици милиони евра на донации? Кој плука и ги множи со нула сите милионски работни часови потрошени на добронамерното советување и обучување за усогласување на законите и напредокот на општеството во сите овие децении на постоење на независна Македонија ?!?

Дали Фондацијата Конрад Аденауер во Скопје го оправдува своето постоење? Има ли во ВМРО-ДПМНЕ парламентарни пратеници кои се согласуваат со државничката и политичка филозофија на Конрад Аденауер?

Дали германската ЦДУ партија се дружела со погрешна сестринска партија во Македонија?

Дали Фондацијата Конрад Аденауер после 18 години постоење во Македонија и соработка со ВМРО – ДПМНЕ успеа да пренесе нешто од филозофијата на човекот чие име го носи? Има ли некој кој ја разбира државничката филозофија на Конрад Аденауер во ВМРО?

Има ли ВМРО такви одважни пратеници кои деновиве ќе се јават за збор во парламентот за да кажат све што им лежи во нивното срце и душа? Пратеници кои ќе ја критикуваат владата за сите нејзини пропусти и за тоа што не ги инволвирала доволно во разговорите и дека не успеала да извлече повеќе од договорот? Пратеници на ВМРО кои низ растреперен глас и врели патриотски солзи ќе ја насликаат горчината на овој напатен балкански народ? Пратеници на ВМРО, кои на крајот од нивниот тежок како олово и горчлив како пелин говор, ќе најдат сили длабоко во себе, да се исправат гордо и храбро како следбеници и државници во стилот на Конрад Аденауер да кажат јасно и гласно, дека се решени да им подадат рака на помирување на своите колеги пратеници од другата страна и кои во интерес на државотворноста и напредокот на републиката, би гласале ЗА.  Има ли такви?

Кога Конрад Аденауер би бил Македонец, би гласал ЗА.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...