Грчкиот премиер Алексис Ципрас ќе предложи формирање на Совет за национална безбедност и за таа цел денеска му телефонирал на лидерот на партијата „Потами“ Ставрос Теодоракис и побарал средба в понеделник за да го информира за предлогот, објави Мета.
Во грчките медиуми се коментира дека фактот што Ципрал толкму сега се сетил на тој предлог-закон има врска со разрешницата на проблемот со името и потребата на Ципрас околу него да собере што поголем број сојузници.
Не се исклучува и можноста Ципрас по овој „флерт“ наскоро со мини-реконструкција евентуално да направи рокада – наместо „Независни Грци“ на Каменос во владата да ја земе „Потами“ на Теодоракис. Интересно е дека токму Теодоракис и неговата партија во декември 2016 година предложија формирање на такво тело/орган, но досега никој тоа не го покренал.
Во Грција, инаку, функционира т.н. Национален совет, кој го свикува шефот на државата – во случајов, Прокопис Павлопулос. Новиот Совет би бил свикуван од премиерот, а во него би учествувале политичките лидери, бившите премиери, министрите за одбрана и надворешни работи, шефовите на генералштабот и на тајната служба.