Попис во 2020, но тој нема да помогне во прочистување на Избирачкиот список

Пописот ќе се спроведе со т.н. комбиниран метод што подразбира истовремено собирање податоци на терен и користење податоци содржани во повеќе бази на податоци, што овозможува покрај преземањето одредени податоци директно од регистри, истовремено вршење проверка на точноста и на податоците добиени со непосредно попишување.

420

Многу е погрешно размислувањето во јавноста дека Избирачкиот список најдобро може да се прочисти со спроведување попис на населението и впарување на податоците од двете бази на податоци, вели за МИА директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски.

Како што објаснува, ова е невозможно од повеќе причини.

– Избирачкиот список ги содржи сите државјани на РМ постари од 18 години, независно дали се во земјата или каде било во странство. Категоријата „вкупно население“ од пописот ги вклучува сите државјани на РМ присутни во земјата во критичниот момент на пописот, сите отсутни државјани од земјата, но не подолго од една година, и сите присутни странци подолго од една година. Избирачкиот список е административна база на податоци, додека Пописот на населението е статистичко истражување и има сосема поинакви цели – истакнува директорот.

Според него, Законот за заштита на личните податоци и Законот за државната статистика не дозволуваат податоците да се користат за какви било цели, освен статистички.

Во врска со пописот најавен за 2020 година, Симовски е дециден дека ќе се спроведе, за што, информира, веќе течат и подготовките. Притоа, се преземаат сите мерки за процесот да се одвива без какви било политички влијанија.

– Државниот завод за статистика интензивно се подготвува за најавениот попис во 2020 година. Сите подготовки одат согласно предвидената динамика. Со оглед на тоа што единствената причина за пропаѓањето на претходниот попис беше огромното политичко влијание врз оваа, инаку статистичка операција, ги преземаме сите неопходни мерки ваквата ситуација да не се повтори. Пописот ќе го спроведе ДЗС, а не некаква државна пописна комисија, која беше класично политичко тело – потенцира директорот.

Уште еднаш потсетува дека пописот ќе се спроведе со т.н. комбиниран метод што подразбира истовремено собирање податоци на терен и користење податоци содржани во повеќе бази на податоци, што овозможува покрај преземањето одредени податоци директно од регистри, истовремено вршење проверка на точноста и на податоците добиени со непосредно попишување.

– Сите учесници во пописот ќе бидат многу подобро обучени отколку во 2011 година. Ќе се спроведе попишување и на лицата кои се отсутни во странство подолго од една година – што, исто така, не беше случај во 2011 година – подвлекува директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...