Само пет фарми од Македонија (Гостиварско, Скопско, Гевгелиско, Неготинско и Ресенско) извезуваат јајца на пазарите во Европската унија. Пласманот е континуиран и се реализира главно во Хрватска, Бугарија и Грција.
Земјава засега располага со околу 1,1 – 1,2 милиона кокошки во интензивно, фармско производство, каде продукцијата на јајца дневно достигнува приближно еден милион, а уште еден милион кокошки се регистрирани кај индивидуалните земјоделски стопанства каде одгледувањето е екстензивно, слободно, и продукцијата на јајца е нешто помала.
– Дневната продукција во интензивното производство достигнува околу еден милион јајца, а во екстензивното нешто помалку, што е сосема доволно за домашниот пазар. Остануваат количини и за извоз. Македонија е на листата земји за извоз на јајца во ЕУ. Ги исполнува сите безбедносни и квалитативни параметри. Пет објекти се вкупно регистриани за извоз во ЕУ и тие континуирано извезуваат – вели за МИА директорот на фармата за производство на јајца „Везе Шари“, Абдулезел Догани.
Според него, до август просечната цена на јајцата беше добра, околу пет денари, а во септември – октомври нешто послаба, четири до 4,5 денари, што е вообичаено поради купувањето дрва за огрев, правањето зимница, ајвари, почетокот на школската година,…
– Со цената на јајцата сме некаде во средина на европскот пазар. Не сме ниту меѓу најевтините, ниту меѓу најскапите. Во Грција, Бугарија и Полска јајцата се сега поевтини од кај нас, достигнуваат 3,5 – четири денари – истакнува Догани.
„Везе Шари“ утре ќе се приклучи кон одбележување на Светскиот ден на јајцето, 12 Октомври, со два настана. Ќе донира јајца во градинките за деца со посебни потреби во Тетово и Гостивар, како и во СОС Детското село. Децата, како што информира Догани кој е и ветеринарен лекар, ќе имаат можност да слушнат нешто повеќе за придобивките од исхраната со јајца.