Поддршка за придвижување на Македонија кон евроатланските интеграции дадоа пратениците и од мнозинството и од опозицијата, како и пратениците албанскиот блок во попладневниот дел од работата на Комисијата за уставни прашања во Парламентот. Мнозинството со повик да се поддржи процесот во Собранието, а опозицијата посочувајќи дека процесот е неуставен повика дека решението е во заедништво, единство и консензус кој ќе се црпи од Резолуција поддржана во Собранието во 2008 година.
– Ако е и ВМРО-ДПМНЕ „за“ ајде да ги донесеме одлуките. Добивме држава признаена од сите. Имаме признанен идентитет – порача премиерот Заев попладневно на реплика на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, успешен референдум значи и мнозинство и консензус и дека во овој случај мора да се земе предвид изразената волја на излезените 600 илјади граѓани.
– Мораме да донесеме одлуки. Шансата е неповторлива. И Мицковски и Иванов знаат дека информирав за секој телефонски разговор во процесот на постигнувањето на договорот. Некој мораше да донесе одлука и го направив тоа. Преземете и вие одговорност и да ја обезбедиме државата – рече премиерот.
Тој изрази верба за можен успешен процес во Соранието за уставни измени и членство на Македонија во ЕУ и НАТО.
На храброст и заеднички да се донесе одлуката повика и пратеникот од ДУИ Артан Груби.
– Ајде помогнете заеднички. Ние сме пред одлука која треба да ја гледаме како политичари или лидери. Дали ќе гласаме за следните генерации или за следните избори. Јас и моите истомисленици особено тие од ДУИ знаеме точно што им треба на следните генерации безбедна држава, рамо до рамо со Вашингтон и Брисел – рече Груби.
Тој порача дека денеска и деновите пред нас се денови за храбрите пратениците.
– Стравот е изолација, а храброста е интеграција. Поминавме многу заедно. Поминавме отцепување, војни, војна и кај нас и мир и немири, издржавме и сме истите кои си бевме и ќе бидеме истите. И нашите деца ќе бидат исти. Затоа што сите ние ќе бидеме исти и нашите деца ќе бидат исти ве поканувам да не потклекнеме на последниот чекор на оваа тешкотија. Убеден сум дека ќе се убедиме самите себе си дека ова е единствениот пат за нашата Македонија – истакна Груби.
Неговиот сопартиец Џевад Адеми, истканувајќи дека се отвора најзначајното поглавје за Македонија по независноста ги повика колегите од опозицијата да го слушнат гласот на разумот.
– Да се водиш во овие моменти од емоциите е најлошиот совет. Идните генерации и истоијата ќе не оправда. Дали има цена. Секако дека има, но целта е многу поголема, повозвишена од овој компромис, кој секако е наметнат и сме принудени да го вклучиме и како никогаш претходно граѓаните имаат потреба од единство и сплотеност. Сите без исклучок велат Македонија во ниту една варијанта не можела да има подобар договор од овој никогаш – рече Адеми.
Според него треба Владата да се поддржи во оваа храбра иницијатива и да се води сметка за судбината на идните генерации.
За Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ ова е важно прашање и треба да се постапи онака како што разумот и срцето зборува колку тоа и да е тешко.
– Веројатно ова е една од точките во животот кој што секој од нас присутен во оваа сала ќе ги памети и ќе ги раскажува на следните поколениија како се поставил во одредена ситуација, можеби и најбитната во животот како предизвик и оттука мораме да постапуваме онака како што разумот и срцето ни зборува колку и да е тешко, колку и да имаме лични судири во своите убедувања едноставно мораме да постапуваме така како што размислуваме – истакна Димовски.
Според него одлуката СДСМ сама да влезе во овој процес е одлука која што го погреба овој процес преку неколу елементи.
– Одлуката да пристапи без учество на ниту еден претставник од опозицијата, да се потпише договорот пред да и се покаже на опозицијата и одлуката на СДСМ без ВМРО-ДПМНЕ да распише референдум. Ваков стратешки договор без политичка поддршка од двете македонски идеолошки крила е невозможно да живее, потенцира Димовски.
Тој порача дека решението е заедништво, единство и консензус и враќање на состојбата со Резолуцијата едногласно утврдена во 2008 година.
Во расправата се вклучи и министерот за надворешни работи Никола Димитров кој рече дека на референдумот ќе имаше чиста ситуација доколку имаше гласови „против“.
– Ќе го затворевме ова крупно поглавје. Бидејќи народот нема одлука, се враќа назад во Собранието. Но зошто треба да се оди напред оти народот, односно 609 илјади рекле „да“ – рече Димитров.
Комисијата ќе продолжи со рабоата во петок во 14 часот.
Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.
loading...