ВМРО-ДПМНЕ би можела да биде исклучена од своето европско семејство доколку продоложи да се однесува неконструктивно кон Преспанскиот Договор, брифираат членови на ЕПП.
ЕПП, Европската Народна Партија, е најголемата и највлијателната политичка група во Европската Унија, во неа членуваат речиси сите демохристијански партии од земјите членки на ЕУ и земјите кандидати. Извори во оваа партија објаснуваат за МИА дека однесувањето на опозициската ВМРО-ДПМНЕ предизвикала голем гнев кај највисоките челници на ЕПП.
Во неделата, претседателот на ЕПП, Жозеф Дол, телефонски разговарал со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски, дознава МИА. Дол на “крајно недипломатски и на строг начин“ го предупредил Мицковски дека доколку ВМРО-ДПМНЕ не дозволи демократска дебата за усвојувањето на Преспанскиот Договор, партијата “ќе мора целосно да ја сноси одговорноста за сите последици со кои ќе се соочи земјата“.
Дипломатите во Брисел стравуваат дека без Преспанскиот Договор, Македонија ќе биде изолирана, политички и економски и дека со соочува со сериозен ризик од демократско назадување.
Челници на ЕПП му ставиле до знаење на Мицковски дека една од можните последици со кои се соочува ВМРО-ДПМНЕ е исклучување од редовите на нивното европско семејство.
Еврокомесарот Јоханес Хан, кој е исто така од редовите на ЕПП, вчера во интервју за австрискиот весник „Стандард“ изрази загриженост за информациите дека ВМРО-ДПМНЕ ги заплашува и им се заканува на пратениците кои би сакале да гласаат за уставните амандмани.
Членовите на ЕПП одбиваат јавно да коментираат, единствена реакција беше твит на претседателот Дол во понеделникот вечер во кој тој изрази разочарување за неконструктивноста на ВМРО-ДПМНЕ.
Според изворите на МИА во ЕПП, Мицковски не влегол во конфликт со ЕПП, но бил целосно затворен и „длабоко заробен“, велат од оваа партија. Ниту пораките од ЕПП, ниту оние на Ангела Меркел или Себастијан Курц немале никаков ефект врз лидерот на најголемата опозициска партија.
И покрај острите критики од Европската Комисија во минатото за владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, ЕПП никогаш до сега јавно не изразила разочарување и несогласување со својата сестринска партија во Македонија.