Добро знам каква македонска култура би сакал да имам во иднина. Прашање е само дали не ја проширувам на народот програмата која е само моја приватна потреба? А еве каква е: слабоста на денешниот Македонец се состои во тоа што е премногу едностран; значи, секој напор треба да тежи кон тоа да го збогатиме со другиот пол – да го дополниме со поинаков Македонец, потполно- до крај – различен од сегашниот.
Историјата не присили да негуваме во себе некои одлики на нашата природа и сега сме прекумерно тоа што сме- престилизирани сме. И тоа толку повеќе што чувствувајки го во себе присуството на другите можности, сакаме со сила да ги уништиме. Како, на пример, стои работата со нашата машкост? На Македонецот не му е доволно тоа што е до извесен степен маж, тој сака да биде маж повеќе отколку што е, може да се каже дека си го наметнува мажот, тој е прогонувач на сопствената женскост. И така, стравот пред женскоста прави нашите одлуки да се тврди и да се свртуваат против нас, се манифестира во нас згрченоста на лицата кои се плашат дека нема да бидат на висината на својот постулат, премногу “сакаме да бидеме” такви, а не поинакви, поради што “сме” премалку.
Ако погледнеме на другите наши национални одлики (какви што се љубовта кон татковината, верата, чесноста и честа…) во сите ќе ја забележиме таа прекумерност, која произлегува од таму што оној тип на Македонец каков што изградивме, мора да го придавува и уништува типот каков што би можеле да бидеме, кој во нас постои како антиномија. Но од тоа произлегува дека Македонецот е осиромашен за половина од самиот себе, при што и онаа половина на која и се признава правото на глас не може да дојде до израз на природен начин. Мислам дека токму денеска е дојден моментот да ја покренеме и онаа друга наша личност- денеска не само затоа што мораме да станеме поопуштени, поеластични спрема светот туку и затоа што таа операција бара неизмерна духовна слобода.
Културолошко евангелие
Оној другиот Македонец ќе го откриеме тогаш кога ќе се свртиме против себе. Значи, упорноста мора да стане доминанта на нашиот развој. Ќе мораме долги години да и се поддаваме на упорноста, барајки го во себе она што не го сакаме, од што се ужасуваме. Книжевноста? Книжевност мораме да имаме спротивна од она која досега ни се пишуваше, мораме да бараме нови патишта во опозиција спрема сите досегашни кралеви на духот. Таа книжевност нема да биде должна да го зацврстува Македонецот во неговото досегашно сваќање за себе, туку да го извлекува од тој кафез, да му го покажува она што досега не се осудуваше да биде. Историјата? Треба да станеме уривачи на нашата сопствена историја, потпирајки се само на нашата сегашност- затоа што токму историјата претставува наша наследна оптовареност, ни наметнува вештачка претстава за нас, не присилува да бидеме слични на историскиот извор, наместо да живееме со сопствената стварност. Но, најдобро ќе биде: да го нападнеме во себе македонскиот стил, македонската убавина, да создадеме нова митологија и нов обичај од нашата друга полутопка, од другиот пол- нашата убавина да ја прошириме и збогатиме така што Македонецот да може на себе да си се допаѓа во два меѓусебно спротивни вида- како оној што постои во тој момент и оној кој го урива во себе оној што е.
Денеска веќе не е прашање да издржиме во наследството кое ни го предале поколенијата, прашање е како во себе тоа да го надминеме. Јадна е онаа македонска култура која само врзува и прикрива, а достојна признание е и творечка она која истовремено врзува и ослободува.
Ова не е Тричковски, макар што Тричковски би дал се да е. Кариерата, на некој начин и животот го посветив на идејата за гомбровичевската претумбација на Македонецот, не поради претумбацијата или поради жонглерајот со себе, туку поради спасот и животот во една нова димензија. Имам чувство дека во некои исклучитени вдахновенија сум успевал да ги подотворам новите предели на духот за бедните движејки се низ координатите од горниот текст. Хахаха, можеби звучи нескромно, но јас навистина така мислам и откривам во тоа не мали сатисфакции. Да, ова е Гомбрович во неговата пресметка со Полјаците (Витолд Гомбрович “Дневник”). Кои, меѓутоа, ќе го победат и ќе останат во страшните простори на историските порази. Тоа што таму денеска се случува е дел од тој пораз на големиот писател. Треба да ни биде чест што можеме да се препознаеме во паралелите со полскиот народ кого низ времето го следеле и го следат вистински несреќи, не вака патетични како кај македонскиот народ. Сите програми на Министерството за култура треба да се суспендираат и сите пари да се насочат кон ширење на ова културолошко евангелие, по школите, на универзитетите, во министерсствата, во театрите, кафеаните, спортските сали и фестивалите.
Немаме избор
Ако ми е дозволено да сумирам: Македонецот може да се спаси само ако се победи себе си. Треба да ги оставиме Грците, Американците, Европјаните и тука дома – Албанците и да тргнеме во војна со самите себе зашто ние сме изворот и центарот на проблемите.
Основниот проблем на новата власт произлегува од интенцијата Македонецот да се задржи во лажната, конфликтна, непродуктивна димензија, односно во одбивањето да се открие неговата втора половина, во одбивањето да се пресмета со сопствената историја како неподнослив и фатален извор на сите негови ограничености. Поразот на ВМРО-ДПМНЕ беше непофторлива можност да се направи тој исчекор. Изборот што го направи СДСМ не е само погрешен политички избор туку тој избор ја носи со себе таа историска димензија затоа што неуспехот може да има драматични последици.
Не знам дали има можности и шанси да се формулираат и операционализираа политики врз основа на горниот манифест. Јас знам дека политиката многу лесно може овие постулати да ги прогласи за нереални или дури за национално неодговорни, но само малку попродлабочено читање и на текстот и на ситуацијата во која се наоѓа Македонија, може да биде доволна мотивација за да се преземат сите ризици. Всушност, ние друг избор немаме. Ако за три- четири години детската секција на ВМРО-ДПМНЕ успеа од мнозинството Македонци да произведе кретени, зошто една друга формација не би успеала од оваа аморфна маса да произведе Супермакедонци. Добро, можеби не баш Супермакедонци, но барем нормални Македонци- да, секако! Сакам да кажам дека се уште имаме основи за оптимизам.
„Слободен печат“