Селекторот на германската фудбалска репрезентација Јоаким Лев има спротивни ставови од својот сонародник и тренер на Ливерпул, Јирген Клоп кој рече дека Лигата на нации е бесмислено натпреварување.
– За мене како селектор, Лигата на нации е добар изум, бидејќи во овој турнир играме против најдобрите селекции. Ова е подобро од играње пријателски натпревари со тимови од мали земји – вели Лев.
Јасно е дека на некои тренери на клубовите не им се допаѓаат паузи за репрезентативни настапи, бидејќи голем број на играчи им се отсутни, додава предводникот на „панцирите“.
Лигата на нации е нов турнир за репрезентации, која има за цел да се подигне интересот за натпреварите и да се минимизира важноста на пријателските натпревари. Воедно УЕФА сака да го задржи и интересот кај навивачите и спонзорите. Преку овој турнир може да се обезбеди учество на Европското првенство 2020.
Турнирот е поделен на четири дивизии во согласност со рејтингот на репрезентациите што го имаат кај Европската фудбалска асоцијација.