Владата на денешната седница донесе одлуки за доделување средства на државниот студентски дом „Пелагонија”, како и на Државниот студентски дом „Скопје“.
Државниот студентски дом „Пелагонија”, како што се наведува во соопштението од владината прес-служба, ќе добие 7.204.603 денари од Буџетот на Република Македонија за 2018 година со цел подмирување на трошоци за тековно работење. Станува збор за за трошоци за потрошена електрична енергија, трошоци за греење, за потрошена вода и трошоци за комунална хигиена, а кои што не можеле да се предвидат и планираат во буџетот на Државниот студентски дом „Пелагонија” – Скопје. За истата намена, вкупно 79.592.133 денари од државниот буџет, ќе добие и Државниот студентски дом „Скопје” – Скопје.
На седницата, информираат од владината прес-служба, била разгледана и усвоена Стратегијата на Владата на Република Македонија за соработка со и развој на граѓанскиот сектор, со Акцискиот план 2018 – 2020 година.
„Создавањето на оваа стратегија беше дел од долг инклузивен и консултативен процес. Стратегијата се темели на досега постигнатите резултати, но и разработува рамка за идни активности кои ќе овозможат понатамошно унапредување на соработката и поттикнување на развојот на граѓанскиот сектор, како коректив на политиките, сервис на граѓаните и канал за солидарност, партнер на државата и бизнисот и двигател на ЕУ интеграцијата“, се посочува во соопштението од Владата.