Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи изјави дека следната недела ќе биде изгласан законот за јазиците.
Тој во изјава за Телма ја отфрла можноста за менување на текстот, бидејќи, како што вели, тој е усогласен претходно со двете најголеми партии во македонскиот блок.
– Наредната недела законот за јазиците повторно ќе се најде пред пратениците и се очекува да биде изгласан заради доброто на Република Македонија – смета вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи.
Тој вели дека оваа Влада уште на почетокот решила да се справи со три големи пречки на евроинтегративниот пат – лошите односи со Бугарија, спорот со името и употребата на албанскиот јазик.
– Јас сум убеден дека ако ја покажеме истата посветеност и храброст да го донесеме законот, а ќе го донесеме во наредните денови, исто така меѓуетничките односи ќе ни бидат најголемата поддршка, најголемата поттикнувачка сила за државата да влезе во евроатланските структури и потоа да остане последното прашање, прашањето на името – изјави Османи.
Тој потсети дека овој закон двапати бил гласан со мнозинство од 69 пратеници и отфрла какви било идеи за менување на текстот на законот.
Вицепремиерот не верува дека донесувањето на законот може негативно да се одрази врз разговорите со опозицијата околу реформските закони. Смета дека би било детинесто доколку ВМРО-ДПМНЕ се налути и не гласа са реформи.
Пред три денаЗзаконот за јазиците беше ставен на дневен ред, но седницата не се одржа поради барањето на СДСМ да му се даде шанса на дијалогот. Од партиите велат дека лидерска средба нема да има, но разговори ќе има. Спикерот Талат Џафери има даде рок од една недела да се договорат по што седницата ќе биде закажана, а тој ќе постапи, како што вели, во согласност со Уставот и со Деловникот.