„Дојдоа ноќе“ – низ една специфична алегорија вели режисерот Ѓурчан Келтек во неговиот филм „Метеори“ – „Сите излегоа (…), палеа факели (…), градови … во кои што повеќе нема што да се контролира“. Келтек говори за упадите на турските воени сили во Курдистан ама, не знам зошто, но „сликите“ од филмот на Келтек многу потсетуваат на вчерашната ситуација во скопски Аеродром, но и на некои слични случувања при поставувањето на спомениците од страна на бившиот режим во централното подрачје на Скопје, а во рамките на шизоидното „Скопје 2014“, па на времето на „Паркобраните“ и сл. И тогаш, ама и сега, власта доаѓа(ше) ноќе – камиони, работници, палеа рефлектори, ја почнуваа нивната гнасна и незаконска работа. Зашто, ако била законска, зошто не би ја работеле дење, како што му доликува на сиот нормален и цивилизиран свет?
Е вакви нешта го расипуваат (благ израз!) добриот викенд. Кога ќе видите дека правната држава, сепак, на една страна, може да функционира односно кога ќе видите дека криминалците сепак одат во бајбок, кога ќе видите дека сепак има(ло) Господ, како и да се вика. Ама и кога ќе видите дека мафијата уште функционира, според стриктно воени упатства! И повторно: ако сето она што се случуваше деновиве, апсолутно иницирано од одлуката на Заев да не разговара – ама баш ни за временската прогноза – со „асистентот“ Жмицко, нека е така, и така нека продолжи. Ама премиерот не може да не разговара и со „градоначалниците“ (наводниците треба да одговраат на извршувањето на функцијата на оној во Аеродром) од неговата партија. Поточно: мора да „разговара“, онака како со оној Стојчев! Зашто сето ова развлекување, позиционирање, мудрување (со наводници, се разбира!), никому не му одеше / оди во прилог, особено не на актуелната Влада. Или – можеби грешам, ама така мисли мнозинството кое ја поддржува(ло) оваа Влада. Иако сето ова, повторно, го подведувам под мотото laissez-fairre како доминанта во македонската современа политика, освен за исклучителни случаи, се разбира. Што, уште, еднаш, треба да не’ потсети дека сите, ама баш сите политички нешта мора да ги решаваме со ум, а не со задникот и ситнопрофитерските склоности.
Но, да речеме, дека ова е само почеток, односно дека многумина – да не речам (повторно) мнозинството – очекуваат дека уште едно чудо криминалци треба да ги добијат заслужените казни. И дека конечно ќе се отвори тој долгоочекуван граничен премин помеѓу доброто и злото. Ама не само тоа, и не само на едната страна, што треба да биде неспорно, туку дека оваа Влада, или некоја идна (во смисла на некаква евентуална нова композиција, ако веќе се оди на избори) ги апсолвирала нештата за современата политика и „владеењето“, иако ова баш и не е мој омилен термин зашто секој кој што мисли, или се надева, дека владее со нас, дебееело – греши. Во современиот глобализиран свет никој не владее со никого, дури и кога тоа му е дадено на демократски избори. А нашиве, па и овие сегашниве, некако уживаат да го спомнуваат тој збор, не баре со тоа им расте цената. Како што, веројатно, мисли оној во Аеродром: дека тој владее со општината, со луѓето, дека може да им прави што сака? Не, напротив: владеењето е термин од пред (барем) век и половина, до два. И не само терминот туку и таквите луѓе. Тој анахрон термин го употребува, се’ уште, криминалнана банда чиј што шеф сега се жали дека е политички гонет. Ама уживаше да владее, и тоа да го покажува на најбезобразен начин, и да се смее налудничаво на своите владетелски „потфати“. Сегашната власт мора да го заборави, да го пензионира засекогаш тој израз! Зашто, точно е, власта им е делегирана од избирачите, ама не и владеењето! Та ние не сме малоумни да повикуваме некого да не’ владее, или да не’ тормози, како оној во Аеродром, или како бившион Коце шупелка, или оној опинок Тодоровиќ.
И тука доаѓаме до онаа динстинкција на која што неодамна упати и Ранко (Дакиќ), односно дека има разлика, огромна, помеѓу она: „да му се служи на народот“ и „да се води народот“! (Иако, читам, на Атанас некако му се бендисува таа излитена конструкција. Баш и не ми е јасно зошто?). Кога нашава политика, вклучувајќи ги и сегашните политичари, ќе ја разбере суштината на таа разлика, дури тогаш ќе можеме сериозно да разговараме за демократски правци во развојот на државата. Не дека во една современа држава ништо не треба да владее. Напротив, треба / мора да владее правото, мора да владеат демократските принципи, социјалната свест, мора да владее Културата – можеби токму во смислата на онаа „Република Култура“ на Османли! – мора да владее моралот. Без тие нешта нема демократска држава, без тие и такви нешта би биле исти како и претходните.
Дистинкцијата помеѓу „да му се служи на народот“ и „да се води народот“ е огромна, и суштинска. Зашто, во крајна линија, секој може да му служи на народот. Но, дали е тоа поентата на современата демократија? Можеби е’ – во изградените демократии. Што кај нас не е случај. (Иако, повторно, мислам дека никој нормален не сака некој да му служи, како што не сака ниту некој да владее со него!). Мислам дека ние се’ уште сме прпелкаме во фазата на некаква почетна „преродбеничка демократија“, особено денес, по стравовладата на криминалната банда, и во една таква ситуација секоја власт – лева или десна, сеедно – од вчера па натаму мора да води сметка и за тоа. Се разбира дека и пратениците и извршната власт се (не)посредно избрани на избори од страна на народот и дека тоа обврзува. Обврзува на многу нешта, пред се’ на исполнување на предизборните ветувања, на чесно практикување на власта – убав израз како замена за владеење! – на почитување на принципите на демократијата итн. Ама не обврзува на „служење на народот“, што може да го прави секоја будала со два грама памет, а згора таквата флоскула има и силен маоистички призвук. Таква служељубива власт не му треба никому, најмалку на народот. Та нели оние претходнине ни служеа, изнесувајќи толкугодишни државни буџети вон земјата? На народот (божем) „му служат“ само блефери и политиканти, паѓаат пред него на колена или се удираат в гради колнејќи се во некаква вечна љубов кон него. И таквите скечеви треба да им се остават на таквите луѓе.
Степенот на развој на македонската демократија не побарува власт што владее и/или служи, туку луѓе кои знаат и умеат да ја водат државата во нејзината иднина. Да, звучи како крај на деветнаесеттиот век и преродбеничките идеи, ама во однос на западните демократии ние сме некаде таму, повторно на почетокот. Или, ако ја префрлиме темата на полето на културата, зарем она што го гледавме дванаесет години и ова околу нас што ни остана од нивното „служење“, зарем тоа е културата што и’ треба на оваа држава и овој народ? Онаа карикатура среде Плоштадот „Македонија“ и се’ друго распослано низ центарот на Скопје, оние „Потемкинови села“ во вид на музеи за потсмев, запустена инфраструктура, раскалашни вагабонти унапредени во македонски културни ѕвезди, дури и амбасадори на културата? Кај нас барабите „служеа“ олеснувајќи го целиот филмски буџет, на пример, за свои потреби, „служеа“ со по десетина дебело платени „проекти“ годишно, со откупи вредни десетици илјади евра. Таа и таква „култура“, тоа и такво „служење“, но само на личните интереси на една полуписмена банда, остави културен пустош во Македонија, токму како и Маовата културна револуција во шеесетите и седумдесетите години на минатиот век. Културните институции ни се се’ уште такви: и тие, служејќќи му божем на народот, мислат дека јавноста постои заради нив, а не обратно.
Затоа, нам денес ни е неопходно умно водство (и) во културата, брз развој и надоместување на пропуштеното, онолку колку што е можно. И најбргу што се може. Водењето на културната политика не е служење на народот, често е спротивното. Зашто оние претходните и’ служеа на партијата им ги даваа сите фондови на партиските миленичиња. А партијата беше / е’ – народот, нели?
Извор: Теодосиевски уметност